сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 0
home Останати спортови

Интервју со Дарко Костовски: Спортот ја одгледува нацијата!

Околу спортските навики на нацијата и успесите на Македонската таеквондо федерација разговаравме со Дарко Костовски, тренер на Таеквондо Клуб Бутел и еден од тренерите на националниот тим во олимписко таеквондо.
Интервју со Дарко Костовски: Спортот ја одгледува нацијата!

1.Кога е најдобро да се почне со Спорт ?

Колку порано толку подобро, според некои истражувања помеѓу 6 и 7 годишна возраст, секако потребно е да се води грижа за физичкото и менталното здравје, исто така многу важно е да се забележат и моторичките способност на детето и добро би било изборот за практикување на спорт да биде врз база на наведеното.

2.Може ли малку поконкретно околу изборот на спортот, дали родителите тука треба да играат клучна улога ?

Изборот за спорт никако не смее да биде врз основа на интереси како финансиска добивка во иднина или пак ноестварени амбиции на родителите, уште полошо врз база на популарност на спортот. Децата сами се способни да гледаат примери од нивните спортски херои и согласно тоа по природен пат го одбираат тоа што ги привлекува. Сепак сметам дека мали насоки од страна на родителите не би пречеле во изборот на спортот, но никако истите не смеат да бидат пренагласени.

Кога е во прашање развојот на врвниот спорт во поразвиените спортски држави се прават рани селекции кај децата огласно нивните моторички, генетски и психолошки предизпозиции, во оваа смисла науката е директно вклучена во развојот на спортот и резултатите во иднина се загарантирани.

3.Дали спортот им помага на родителите во воспитувањето на своите деца?

Голем број на истражувања и искуства укажуваат на тоа дека спортот драстично го намалува генерациското насилство и ги учи децата на дисциплина и почит према останатите, ги прави посигурни, генерално спортот секогаш мотивира на подобро и повеќе. Спортот директно ги одгледува генерациите, со тоа практично ја одгледува и цела нација. Само здрава нација раѓа шампиони.

4.Дали во Македонија доволно е развиен рекреативниот спорт ?

Добро прашање, рекреативниот спорт е многу важен дел спортот генерално, затоа што директно влијае на целокупното здравје на нацијата, исто така директно влијае и на продуктивноста на граѓаните во секоја можна смисла особено на работните места, со тоа дикретно спортот влијае и на целокупната клима во државата.

Директните придобивки од рекреативниот спорт се смалување на нивото на хормонот за стрес, смалува ризик за срвев удар, смалува можност за депресија, позитивно влијае за добар сон, ја регулира телесната тежина а со тоа се смалуваат ризиците од висок крвен притисок и дијабетис, не учи добро да го организираме времето не тера кон целта и ни носи самодисциплина, спортот или рекреативниот спорт практично ни ги одржува физичките способности во егзистенционална смисла.

5.Индивидуални или екипни спортови?

Секој спорт има свој сјај и убавина, тоа е еден врв кој нуди различни страни и патеки за освојување, некоја е поопасна, некоја пострмна, некоја пак е подолга но важното е што сите имаат иста цел, како луѓе да бидеме покорисни за општеството и државта.

Екипните спортови се најчесто и попопуларни затоа што веројатно се позабавни и полесно стигаат до интересот на луѓето, тие имаат колективен дух и се многу клвалитетни за развивање на тимската игра која што многу често ни е потребна за успех во реалниот живот. Екипните спортови или спортовите со топка се носители на спортот во секое општество заради својата популарност но тоа не значи дека се најдобри, секој човек мора лично согласно своите ставови да донесе одлука каде ќе се насочи неговото внимание повеќе.

Јас доаѓам од индивидуалните спортови, поточно боречките спортови и за тоа можам да зборувам многу долго, но ќе се задржам на есенцијата и ќе споменам дека индивидуланите спотови носат сериозен развој на личноста на еден човек, во овие спортови си речиси сам на теренот или борилиштето и мораш самиот да ги носиш сите одлуки но и одговорности, кога се во прашање боречките спортови често сме во ситуација на опасност од повреди кои намерно се нанесуваат од страна на противникот, овој момент крунски знае да го моделира карактерот на еден човек кој се наоѓа чество во вакви ситуации, се добива храброст и одлучност кои ни се сојузник во текот на целиот живот но и висока свест кога станува збор за некоја опасност која не демнее.

Генерално сметам дека спортот има иста цел, но секој согласно своите убедувања треба да се насочи кон екипен или индивидуален спорт, секаде има убавина и сјај.

6.Вие сте еден од носечките ликови во македонското олимписко таеквондо, како успеавте да направите толку многу врвни спортски успеси во олимписки спорт за краток период?

Да, јас сум еден од тренерите на националниот тим во олимписко таеквондо и основач и тренер во Таеквондо Клуб Бутел, но кога е во прашање успехот на македонското таеквондо нелогично е да не се спомене и мојот брат Д-р Борче Костовски кој воедно е претседател на Македонската Таеквондо Федерација и главен селектор на македонскиот таеквондо национален тим.

Прво нешто што ми доаѓа е да ви кажам дека успесите дојдоа со оставање на голема жртва, пот и буквално неизлегување од спортската сала каде што растеа овие расни спортисти кои за четири години донесоа титули кои се респектабилни за еден веќе традиционален олимписки спорт, особено боречки фулконтактен спорт како што е таеквондо.

За период од четири години успеавме во Македонија да донесеме еден златен и еден бронзен медал од официјални европски сениорски првенства, три медали од европски првенства за млади сениори до 21 година, еден медал од светско јуниорско првенство, еден златен и еден сребрен од европско клубско сениорско првенство, сребрен медал од медитерански игри и голем број одличја од светски купови и турнири кои официјално се бодуваат во светската ранг листа.

Спремноста да понудите жртва за постигнување успех е на првото место, но никако не смееме да го заобиколиме гладот за нови информации, техники и знаења, особено олимписките спортови се менуваат веќе на годишно ниво и едноставно морате да ги следите сите нови трендови и сваќања, тоа е еден пеколно тежок процес кој мора да се прифати како таков за да има резултати.

Искрено, теоретизирањето особено околу врвниот спорт ми пречи, тука резултатите треба да говорат, докажаните програми врз основа на постигнат резултат и никако поинаку.

7.Имаме ли сериозни кандидати за олимписките игри во Токио 2020?

Секако, но со Господ напред да го почекаме квалификациониот турнир за обезбедување на олимписки норми кој ќе се одржи на 17 Април во Милано, таму ќе отпатуваат Дејан Георгиевски, Филип Додевски и Анамарија Георгиевска сите со европски и светски освоени медали.

Моментално наведените репрезентативци се на висински базични подготовки во траење од 21 ден во врвната олимписка база Белмекен во Бугарија.
Олимписките игри се врвот во врвниот спорт.

 

Коронавирус