петок, 24. септември 2021. Вести денес: 134
home Останати спортови

Инцидентот меѓу Хамилтон и Ферстапен ќе се преиспитува

Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) го прифати барањето на Ред Бул за преиспитување на одлуката околу казната на возачот на Мерцедес Луис Хамилтон по инцидентот на Големата награда на Велика Британија.

Инцидентот се случи во првиот круг од трката, кога дојде до судир меѓу Хамилтон и лидерот во генералниот поредок Макс Ферстапен.

Ферстапен тргна од првата, а Хамилтон од втората стартна позиција. Британецот во првите неколку свиоци се обидуваше да го претекне Холанѓанецот, кој успешно се бранеше, а кон средината на првиот круг дојде до контакт на предниот дел на болидот на Хамилтон и задната десна гума на Ферстапен.

Холанѓанецот по контактот заврши во заштитната ограда и мораше да се откаже. Дури беше одвезен во болница на прегледи. Трката беше прекината 40-тина минути, а Хамилтон поради својата улога во судирот беше казнет со 10 секунди во боксот. Но, тоа не го спречи по враќањето на патеката да се искачи до првото место на трката.

Хамилтон со победата ја намали негативата во однос на Ферстапен од 33 на само 8 бода.

ФИА преку видеоконференција ќе одржи состанок со екипите на Мерцедес и Ред Бул во четврток, во пресрет на тркачкиот викенд за Големата награда на Унгарија.

За одлуката околу казната да биде променета, Ред Бул мора да претстави „значителен и релевантен нов доказ“.

Коронавирус