понеделник, 9. декември 2019. Вести денес: 44
home Останати спортови

Голема трагедија: Загина млад велосипедист (ФОТО)

Голема трагедија: Загина млад велосипедист (ФОТО)

Велосипедистот Бјорг Ламбрехт од Белгија почина за време на третата етапа на Трката околу Полска, соопшти неговиот тим „Лото Судал“. На околу 50 километри пред финишот, 22-годишниот Ламбрехт излетал надвор од патеката и удрил во бетонски водоводни цевки.

Портпаролот на болницата во Рубник, потврди дека велосипедистот починал во операционата сала.

-Се случи најголемата можна трагедија која можеше да му се случи на семејството, пријателите и колегите на Бјорг од екипата. Почивај во мир Бјорг.

Иако првично Ламберхт требало да биде префрлен со хеликоптер, сепак до најблиската болница пристигнал со возило на Брза помош.

За Белгиецот ова е втора сезона како професионален велосипедист, а оваа трка требаше да биде увертира за легендарната „Вуелта“, за која Ламбрехт имаше големи амбиции. Минатата година Белгиецот го направи своето деби во тринеделни турнеи во Шпанија, завршувајќи на четвртото место во една од најтешките планински фази.

Оваа сезона, Ламбрехт импресионираше во класиците на Ардените Флеш Брабансон, Амстел Голд и Флеш Валон, каде запиша петто, шесто и четврто место. Во 2018 година, Ламбрехт заврши на второто место на Мундијалот под 23 години.

Во јуни, Ламбрехт објави дека го обновил договорот со Лото Судал до 2021 година и се сметаше за иден лидер на тимот на големите натпревари.