понеделник, 21. јуни 2021. Вести денес: 92
home Останати спортови

Ѓоргиев: На турнирот во Струмица не го покажавме тоа што го знаеме

Ѓоргиев: На турнирот во Струмица не го покажавме тоа што го знаеме

По крајот на финалниот натпревар од завршниот турнир во Европската сребрена лига видно беше разочарувањето кај нашите одбојкари поради поразот од Данска со 3:1 во сетови. Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, смета дека репрезентативците на турнирот во Струмица не го покажале тоа што го знаат.

– Колку што видов од статистиката двајца играчи на Данска не победија. Тоа е прво што можам да го видам. Мислам дека на овие два натпревари не одигравме онака како што знаеме, не одигравме течно, постојано бевме стегнати и не покажавме тоа што треба. Ете, втор пат ни се случува, можеби затоа што сме организатори на финалниот турнир. Со Хрватска пред три години и вчера не покажавме некоја убедлива игра, а во финалето иако поведовме со 1:0 во сетови, не издржавме. Можеби сами на себе си создаваме притисок дека можеме повеќе, но не можеме да го издржиме тој притисок. Противникот беше подобар денеска. Но, ние сме подобри од Данска и уште 99 натпревари да играме исто толку пати ќе победиме, рече капитенот Никола Ѓорѓиев.

Подвлече дека за претстојното Европско првенство за два месеци треба напорно да се работи и на континенталниот собир ќе атакуваат на влез во вториот круг.

Репрезентативецот Филип Деспотовски смета дека Данците одиграле многу добро.

-Данците одиграа на повисоко ниво кое ние, за жал, не можевме да го стигнеме. Можеби на хартија се послаба репрезентација од нас, но тоа не значи ништо. Многу жалам што не успеваме да завршиме први на домашен терен, изјави Деспотовски.

Големиот пехар и златните медали на репрезентацијата на Данска им ги врачи премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, директорот на Агенцијата за спорт и млади, Наумче Мојсоски и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски го следеше натпреварот.

Пред почетокот на завршниот натпревар Одбојкарската федерација на Македонија на репрезентативците Горѓи Ѓорѓиев, Никола Ѓоргиев, Владо Милев, Дарко Ангеловски, Филип Депостовски и Александар Љафтов им додели признанија за одиграни повеќе од 100 натпревари во дресот на македонската репрезентација.

ЕУРО 2020

Македонија