петок, 24. септември 2021. Вести денес: 130
home Останати спортови

Ѓоковиќ расположен стигна во Токио и веднаш побара број од – Штефи Граф (ВИДЕО)

Ѓоковиќ расположен стигна во Токио и веднаш побара број од – Штефи Граф (ВИДЕО)

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, максимално расположен ја „одработи“ првата прес-конференција во пресрет на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, каде што може да го направи претпоследниот чекор пред да стане – бесмртен.

Србинот се надева на златен медал, а потоа и на триумф на „Ју-Ес Опен“, со што би станал првиот тенисер во историјата кому му успеало во една година да направи таков успех. Тоа досега го има сторено само легендарната Штефи Граф, поради што Германката беше спомената на денешната негова дружба со новинарите.

„Не сум во контакт со Штефи, но ако некој го има нејзиниот број би сакал да го добијам за да ја прашам како ѝ успеа да направи таков успех. Имам голема почит кон неа. Нејзиниот шампионски менталитет е нешто што ме инспирира и се надевам дека ќе успеам да ѝ се придружам во успехот. Секогаш сум среќен кога играм за Србија, се чувствувам одлично и подготвен сум да дадам максимум. Имам одлична сезона зад себе, три гренслем-победи и се надевам на уште еден добар турнир“, изјави Ѓоковиќ.

Популарниот Ноле потоа го прокоментира отсуството на Роже Федерер и на Рафаел Надал.

„Ќе биде чудно да се игра без Роже и Рафа, но тоа е“, кусо изјави Ѓоковиќ.

Прв противник на српскиот тенисер на олимпискиот турнир ќе биде непознатиот Боливиец, Уго Делиен.

Коронавирус