понеделник, 17. јуни 2019. Вести денес: 79
home Останати спортови

Ѓоковиќ преку Медведев до четвртфинале на Австралија Опен

Ѓоковиќ преку Медведев до четвртфинале на Австралија Опен

Новак Ѓоковиќ имаше потреба од четири сета за да го скрши отпорот на Даниел Медведев и да се квалификува за четвртфиналето на Австралија опен. Србинот победи со 6:4, 6:7 (5), 6:2, 6:3 во последниот натпревар денеска, а во следниот круг ќе се соочи со шампионот од Бризбејн – Кеј Нишикори.

Ѓоковиќ по десетти пат се пласираше во четвртфинален меч во „Мелбурн Парк“ и брка рекордна седма титула, откако веќе има најмалку 10 настапи во четвртфинале на сите четири Гренд-слем турнири.

– Беше вистинска битка, Даниел игра одличен тенис, го подобрил многу сервисот и бекхендот во последните месеци. Тој се бранеше одлично, се претстави добро и на мрежата. Тешко беше да го надминам. Се обидував различни нешта, но за среќа успеав да извадам неколку клучни гема на мој сервис од позиција кога губев, а во исто време ги користев можностите, кога се појавуваа, прокоментира Ѓоковиќ, кој допушти цели 50 непредизвикани грешки, но сепак триумфираше.

Во четвртфиналето тој ќе игра против Јапонецот Нишикори, кој направи пресврт против Пабло Карењо-Буста (Шпанија) со 6:7 (8), 4:6, 7:6 (4), 6:4, 7:6 (10-8) .

– Кеј е неверојатен, се надевав дека другиот тенисер ќе победи, но … сме играле на овој терен неколку пати, вклучувајќи четвртфинале пред години. Тој е еден од најбрзите тенисери на турнејата. Нема да биде лесно, додаде Ѓоковиќ.

Ноле за прв пат од 2016-та е четвртфиналист во Мелбурн, откако во 2017-та беше елиминиран во вториот круг од Денис Истомин, а минатата година беше запрен во 4 коло од Хјон Чунг.

МИА