вторник, 18. јануари 2022. Вести денес: 60
home Останати спортови

Ѓоковиќ го доби првиот противник на Австралија опен

Ѓоковиќ го доби првиот противник на Австралија опен

Новак Ѓоковиќ е вклучен во распоредот за играње на Отвореното првенство на Австралија, но тоа и натаму не е гаранција дека ќе настапи на турнирот. Сагата околу неговата виза за Австралија влезе во втората недела, додека се чека конечната одлука на министерот за имиграција Алекс Хок, кој има дискреционо право да му ја поништи. Тој не се огласува веќе три дена, откако во понеделникот федералниот суд во Мелбурн ја поништи претходната одлука за укинување на визата.

Портпаролот на Хок изјави дека тој сè уште го разгледува случајот. Ѓоковиќ во меѓувреме призна дека ги кршел правилата за изолација во Србија откако имал позитивен тест за коронавирус на 16 декември и дека дал лажна изјава дека не патувал 14 дена пред доаѓањето во Мелбурн. Овој лажен исказ исто така може да биде основа за откажување виза.

Австралискиот премиер Скот Морисон денеска не сакаше да коментира кога владата ќе донесе одлука.

„Позицијата на министерот за имиграција не е променета. Тој си има свои лични овластувања и во овој момент тука нема што да се коментира“, изјави Морисон.

Она што е единствено познато во моментов е дека Ѓоковиќ би играл со својот сонародник Миомир Кецмановиќ во првото коло на Отвореното првенство на Австралија.

Коронавирус