петок, 18. октомври 2019. Вести денес: 87
home Останати спортови

Европски јуниорски триатлон куп викендов во Охрид

Европски јуниорски триатлон куп викендов во Охрид

Повеќе од 300 учесници од 20 европски земји ќе бидат дел од Европскиот јуниорски куп во триатлон и Националното првенство во триатлон, што ќе се одржат викендов во Охрид.

Манифестацијата е во организација на Македонската триатлон федерација и асоцијацијата „Спорт за сите – сите за спорт“ со поддршка на Општина Охрид.

Со организацијата на ваквите спортски манифестации, Охрид, според секретарот на Општината, Игор Бежоски, испраќа силна порака за поголема афирмација и промоција на спортот и здравите навики.

-Очекуваме годинешното издание на триатлон викендот, да донесе вистинско спортско доживување за сите учесници и дека ќе биде интересно искуство за сите љубители на спортот, кои ќе бидат дел од публиката. Се надеваме дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид, рече Бежоски на денешната прес-конференција.

Во организацијата на триатлон викендот, се вклучени над 50 волонтери, а околу 30 лица ќе бидат задолжени за техничката организација. За здравјето на учесниците во натпреварите ќе бидат ангажирани медицински тимови и спасувачи на вода, кои ќе бидат координирани од страна на охридскиот Црвен Крст.

За време на натпреварите, во соработка со СВР Охрид, во недела на 7 јули, ќе биде организиран посебен сообраќаен режим од 7 часот и 30 минути до 16 часот и 30 минути, на потегот од кружниот тек пред СРЦ „Билјанини Извори“ до кружниот тек кон потегот на Горица 2. (МИА)