сабота, 19. октомври 2019. Вести денес: 0
home Останати спортови

Ботас очекува тимските наредби да продолжат

Ботас очекува тимските наредби да продолжат

Возачот во Формула 1, Валтери Ботас призна дека очекува да добива нови тимски наредби од Мерцедес, додека Хамилтон не го освои шампионатот.

Финецот беше натеран од тимот да се откаже од првото место на сметка на тимскиот колега на Големата награда на Русија минатиот викенд.

Целата ситуација остави горчлив вкус за публиката, бидејќи Валтери беше особено надмоќен на патеката во Сочи и се претставуваше одлично целиот викенд, додека победата не му ја „подари“ на Хамилтон.

Луис имаше предност од 43 поени и овој потег на тимот не беше неопходен.

По трката, Хамилтон и шефот на тимот Тото Волф му се извинија на Ботас. И покрај тензиите и контроверзната потреба за одлуката, финскиот пилот очекува наредбите да продолжат.

– Дефинитивно може да се случи повторно. Да, ми го кажаа тоа, а јас го очекував. Ќе го поддржувам Луис. Така стојат работите и јас едноставно треба да го прифатам тоа, поради начинот на кој се нареди сѐ порано во сезоната. Повеќе не можам да се борам за првенството. Јас сум тимски играч и сум подготвен да помогнам. Тоа е она што го правам, и кога ќе дојде време, и ќе ми дозволат да победам, јас ќе победам. Тоа не значи дека не сум тркач и дека не сакам да победам. Победата е сѐ, но соодветното време ќе дојде подоцна, изјави Ботас. (МИА)