Честите излегувања од дома, групни тренинзи и патувања надвор од земјите каде што играат, често завршуваат со позитивни наоди на корона на спортистите од цел свет.
Исклучок не се ниту нашите, па во еден ден е објавено дека двајца македонски репрезентативци имаат корона. Едниот е капитенот на ракометната селекција Кирил Лазаров, а вториот е кошаркарот Стојан Ѓуроски.
Францускиот прволигаш Нант објави дека Лазаров и неговиот соиграч Фигуерас се двајцата со позитивни тестови. Лазаров минатата недела настапи на два квалификаицски натпревари за репрезентацијата, и отпатува во Франција. Поради случаите на Ковид-19, следниот натпревар на Нант во ЛШ најверојатно ќе биде откажан, или во најлош случај, Целје ќе добие службена победа.
Стојан Ѓуроски нема да биде дел од македонската репрезентација на натпреварите од ноемврискиот циклус од квалификациите за Европското првенство во 2021 година.
Претходните 20-тина дена гостиварецот престојуваше во Македонија за да ја продолжи работната виза за Шпанија, а по враќањето во својот тим, бил позитивен на корона при задолжителното тестирање. Немал никакви симптоми, но тестот покажал дека, сепак, има ковид-19.
„За жал, нема да можам да му помогнам на националниот тим за Битките во Талин. По враќањето во Скопје, каде мораше да средам некои технички работи поврзани со работната дозвола за Шпанија, бев тестиран од страна на клубот. Тестот се покажа како позитивен, а тоа ме однесе во самоизолација“, изјавил Ѓуроски за интернет страницата на КФСМ.
Од овие причини селекторот на македонската репрезентација Александар Тодоров го чекаше последниот ден за да го објави списокот на кошаркари за дуелите со Италија и Естонија. Ѓуроски се најде на него, но два дена подоцна излезе позитивен.