среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 157
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Кошарка

Тодоров избра: Со шест „странци“ и петмина од МЗТ на мегдан со Естонија и Русија!

Тодоров избра: Со шест „странци“ и петмина од МЗТ на мегдан со Естонија и Русија!

Новиот селектор на репрезентацијата на Македонија, Александар Тодоров, денеска го објави скратениот список со 15 кошаркари на кои ќе смета во пресрет на двете квалификациски средби за пласман на ЕП 2021 против Естонија (20 февруари) и Русија (23 февруари), меѓу кои има шестмина интернационалци, петмина од МЗТ Скопје и еден играч без клуб.

Изненадување на листата нема, а како што се очекуваше и како што беше најавено на неа се најдоа и двајцата најталентирани македонски кошаркари во моментов, Андреј Јакимовски и Марко Миловановиќ, за кои ова е прв допир со сениорскиот национален тим. На списокот е и Марко Симоновски, кој веќе неколку месеци е без клуб, откако договорно го раскина договорот со МЗТ Скопје.

Меѓу најсериозните кандидати за жолто-црвениот дрес за првпат е и Филип Бакоч, крилниот центар на Еуро Никел, како и бекот на Работнички, Виктор Ефремовски. Убедливо најмногу репрезентативци има шампионот МЗТ Скопје, додека местото наменето за натурализиран кошаркар ќе го пополни Шејн Витингтон.

Подготовките на националната селекција, неофицијално, почнуваат утре вечер со заедничка вечера, додека првиот тренинг е задутре во салата „Борис Трајковски“, каде што ќе го одиграме првиот дуел против Естонците. За в недела е предвиден тренинг-меч против Гостивар, кој ќе биде од затворен карактер.

Во нашата група е уште и Италија, која како домаќин на ЕП 2021 веќе има обезбедено пласман. Тоа значи дека Македонија заедно со Естонија и Русија ќе води тешка битка за преостанатите две места кои носат европска виза.

СПИСОК НА ПОВИКАНИ КОШАРКАРИ

Војдан Стојановски (Гравелин-Данкерк-Франција)

Шејн Витингтон (Реал Бетис-Шпанија)

Стојан Ѓуроски (Евре-Франција)

Ненад Димитријевиќ (Хувентуд-Шпанија)

Андреј Јакимовски (РМ Баскет Торино–Италија)

Марко Миловановиќ (Јуви Кремона Баскет–Италија)

Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром)

Андреј Маслинко (МЗТ Скопје Аеродром)

Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)

Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)

Кристијан Николов (МЗТ Скопје Аеродром)

Љубомир Младеновски (Работнички)

Виктор Ефремоски (Работнички)

Филип Бакоч (Еуро Никел 2005)

Марко Симоновски (без клуб)