сабота, 25. септември 2021. Вести денес: 101
home Кошарка

Само Рубио недоволен за чудо, САД го исфрлија светскиот првак од турнирот

Само Рубио недоволен за чудо, САД го исфрлија светскиот првак од турнирот

Американската кошаркарска репрезентација е вториот четвртфиналист на олимпискиот турнир, откако во дуелот на титаните во „Саитама Супердом“ го совлада шпанскиот национален состав со 95-81. „Фуријата“ на Скариоло беше подобар ривал во првиот дел, но „блек-аут“ од лоши пет минути во третата четвртина ги чинеше пораз и елиминација.

Светскиот првак започна подобро, играше моќна одбрана, а Рубио и Родригез доминираа со играта во нападот. Во првиот дел „фуријата“ подели пет блокади, а дојде и до највисоки +10. Сепак, тројките на Дурант ги вратија момците на Попович и на одмор се замина со 43-43.

Моментот кој го „прекрши“ четвртфиналето се случи на почетокот од третиот квартал. Американците заиграа одлична одбрана, а во нападот индивидуалните потези на Тајтум и Дурант донесоа највисоки +15. Момците на Скариоло реагираа и Рубио, Клавер и Чачо Родригез намалија на -6 на влезот во последната четвртина.

Плејмејкерот Рубио единствен се обидуваше да го врати шпанскиот состав во игра, но со дури шеснаесет загубени топки не се победува првиот фаворит на турнирот. Американците на крајот се радуваа со 95-81 и останаа во игра за одбрана на златото од Рио Де Жанеиро.

Најефикасни во американската селекција беа Дурант со 29, Тејтум со 13 и Холидеј со 12 поени, а во тимот на Скариоло се истакна Рики Рубио со 38 поени.. Противник на Соединетите Американски Држави во полуфинале ќе биде поуспешниот од натпреварот Аргентина – Австралија.

Коронавирус