петок, 10. јули 2020. Вести денес: 154
МЕГА БОМБА

Еве ја целата листа: Речиси цело семејство Заеви, министри, градоначалници и функционери на СДСМ добија кривични од Боки 13

home Кошарка

Работнички се враќа на меѓународна сцена, во игра се ЛШ на ФИБА и – АБА2!

Работнички се враќа на меѓународна сцена, во игра се ЛШ на ФИБА и – АБА2!

Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, е сериозно заинтересиран во следната сезона да го прекине повеќегодишниот пост во однос на играње надвор од државните рамки, откако од клубот доаѓаат сериозни најави за настап во квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ) на ФИБА, но и во АБА2-лигата.

Центарци имаат рок до 4 јуни да ја искажат својата заинтересираност за пополнување на едно од четирите места кои Македонија ги има за во елиминацискиот дел од најсилното клупско натпреварување во организација на светската Куќа на кошарката. Со пласманот на второто место во прекинатата сезона како и со настапот во плејоф-финалето во претходното целосно одиграно првенство, тимот од „Градски парк“ секако има право да едно од македонските позиции, кои, за жал носат дури во првото квалификациско коло.

Тоа значи дека Работнички, ако ја потврди начелната заинтересираност, ќе мора да победи дури три тешки противници во мечеви дома-гости на кош-разлика, пред да дојде до место во групната фаза што е своевиден џекпот на финансиски план. Местото во завршниот дел од ЛШ во старт носи најмалку 150.000 евра, што е фантастична сума дури и за екипи од побогатите европски држави, но, за жал, ниту Петар Наумоски ниту Перо Антиќ не успеаја да го искористат своето реноме да се изборат во ФИБА Македонија да има барем едно место директно во групната фаза.

Управата на 15-кратниот шампион исто така е сериозно заинтересирана конечно да ја прифати поканата да биде дел од АБА2-лигата, каде што Македонија има право да пријави два тима. Работнички како второпласиран сезонава и финалист во ланскиот плејоф секако може да смета на едно од двете места за настап во второлигашката јадранска конкуренција. Со проширување на АБА-лигата и можноста МЗТ Скопје да се врати во ова натпреварување на местото на финансиски колабираната Приморска, во јадранската Втора лига не би имало нешто многу квалитетни тимови, што за црвено-белите од Центар значи и огромна шанса веќе по првата сезона да дојде до едно од местата кои носат промоција во елитата на Јадранот.

Сето ова, засега е во доменот на неофицијалното и ќе зависи од плановите, но и од буџетот кој ќе биде обезбеден за следниот период, особено знаејќи со каква криза се соочува македонската економија како последица од пандемијата со коронавирусот. Навивачите на Работнички одамна бараат враќање на европска сцена, со оглед што нивните миленици во последните 16 години имаат одиграно само два меѓународни меча и тоа пред три години против руска Парма, во првото квалификациско коло од ФИБА Еврокупот, кои убедливо ги загубија. Останува да се види дали желбата, конечно, ќе им биде исполнета.

Парламентарни избори 2020