вторник, 18. септември 2018. Вести денес: 154
home Кошарка

Работнички и МЗТ очекуваат спектакл и полни трибини пред финалето во кошаркарската лига

Работнички и МЗТ очекуваат спектакл и полни трибини пред финалето во кошаркарската лига

КК Работнички и МЗТ Скопје Аеродром заедно со МКФ денеска одржаа прес-конференција пред финалната серија во домашното натпреварување во машка конкуренција, на која тренерите на двата тима, Ѓорѓи Кочов и Марин Докузовски, посакаа спектакл и полни трибини без инциденти.

– Секогаш кога играат Работнички и МЗТ, натпреварите се со големо значење. Очекувам еден спектакл во кој ќе има спортско надигрување и спортско навивање и, секако, да победи подобриот. Домашниот терен на првиот меч го прави Работнички благ фаворит. Но, наша цел е да бидеме подобри во сите натпревари. Марин ми беше тренер и првпат ме стави во првата екипа на 15 години. Но, тоа нема да влијае нешто и нема да донесе никаква помош, изјави тренерот на „металците“.

Тој додаде дека очекува неизвесен дуел и титулата да остане во Аеродром.

Тренерот на најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, Марин Докузовски изјави дека двете екипи се заслужно во финалето и дека очекува празник на кошарката.

– Без да навредам некого, кога играат Работнички и МЗТ интересот е поголем, а и квалитетот на натпреварите. Двата тима покажаа дека оваа година се најдобри и дека заслужено се во финалето. Очекувам спектакл и празник на кошарката, затоа што последните години истата не ни е на највисоко ниво. Нека победи подобриот, меѓутоа за мене поважно е се да мине во најдобар ред, изјави Докузовски.

Финалето меѓу „вечните ривали“ на програма е на 20-ти мај со дуел во „Градски парк“, а вториот меч е во Аеродром на 23-ти мај.

Третиот дуел е закажан за 25-ти мај, а ако има потреба, четврти и петти меч ќе се играат на 28-ми, односно 31-ви мај.

(Миа)