недела, 19. септември 2021. Вести денес: 48
home Кошарка

Осум екипи ќе бидат дел од првиот меморијален турнир „Драган Василов-Цевка“

Осум екипи ќе бидат дел од првиот меморијален турнир „Драган Василов-Цевка“

Од 9. до 12. септември Скопје ќе биде домаќин на првиот меморијален турнир „Драган Василов-Цевка“.Ова ќе биде турнир во чест на нашиот легендарен тренер кој беше меѓу најдобрите македонски тренери кои работеле во младинските категории, ас кој остави поколенија на играчи кои ја носат македонската кошарка.

-Голема чест и задоволство е што нашата федерација ќе биде дел од овој турнир, кој го носи името на нашиот легендарен тренер Драган Василов Цевка, и што на свој начин, со потребната техничка логистика, реализација на онлајн преноси ‘во живо’, обезбедување на судии, ќе помогне во реализацијата на турнирот кој ќе биде собир на деца до 16. години на кој покрај нашите екипи МЗТ Скопје Аеродром и Вардар, ќе учествуваат екипи од странство како Црвена Ѕвезда, Академик Пловдив, Клуж, Слован, Шопрон. Верувам во успешна реализација на овој турнир кој ќе остане традиционален, затоа што Драган Василов Цевка заслужува многу повеќе од тоа. Но ова е само почеток, – претседателот на нашата федерација, Перо Антиќ.

Свој збор имаше и синот на нашата тренерска легенда, Горан Василов.

-Овој пример е доказ кој покажува дека вредностите се вечни и се почитуваат. И дека се ценат и почитуваат личностите кои, секој на свој начин дале свој придонес, секој во струката во која работи. Таква е и приказната за мојот татко. Човекот кој ‘извади’ низа на квалитетни играчи и на генерации кои го носеа националниот дрес на чии успеси сме и до ден денеска сите горди. Овој турнир ќе биде и мотив плус за сите млади кои што се занимаваат со спортот кој сите го сакаме. И којзнае, можеби тука ќе се роди некоја нова приказна, за некој нов Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски или други кошаркарски легенди од овие простори.

Се надевам дека турнирот „Драган Василов Цевка“ ќе продолжи во континуитет, секоја година, и ќе добива се поголема поддршка со што би станал препознатлив во регионот и ќе биде добра прилика за промоција на нашата општина, на нашата земја. Нека турнирот во иднина продолжи да е развива според главните карактеристики на мојот татко. А тоа се несебичната поддршка, љубезноста, позитивноста, чесноста, трудољубивоста за кои тој секогаш, како психолог, тренер и како наставник беше со младите. Благодарност до сите за оваа голема чест“ – рече Василов-јуниор.

Осум екипи се поделени во две групи, во првата МЗТ Скопје е заедно со Клуж, Академик Пловдив и Реал Гуровиќ Академијата од Белград. Во Б пак се Вардар, Шопрон, Слован и белградска Црвена Звезда.

Коронавирус