вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 2
home Кошарка

МЗТ со пораз се враќа од гостувањето кај Приморска

МЗТ со пораз се враќа од гостувањето кај Приморска

МЗТ Скопје со пораз од 91:84 се враќа од гостувањето во Словенија кај Сикст Приморска во рамките од третото коло на АБА 2 лигата.

Во натпревар со многу резултатски пресврти кошаркарите на МЗТ во првата четвртина покажаа поквалитетна игра и по десет минути резултатот беше 18:22. Во втората четвртина МЗТ ја задржа контролата над играта и го одржуваше водството и на паузата замина со предност од 36:41.

Меѓутоа, домаќините се вратија во игра, ги искористија грешките на противникот и израмнија. Кошаркарите на Приморска успеаја да направат пресврт, а третиот период го добија со 25:14 и имаа предност од шест поени (61:55).

МЗТ на пет минути до крајот на натпреварот успеа да израмни и повторно го презеде водството, а во 37-та минута од натпреварот имаше предност од пет поени (65:70). Но, македонските кошаркари не го издржаа притисокот, дозволија на домаќините да израмнат и наместо со победа натпреварот во регуларниот дел го завршија со нерешен резултат од 77:77.

Во дополнителното време домаќините беа поконцентрирани и по три минути игра имаа висока предност од 87:80, која МЗТ се обиде да ја анулира, но без успех и натпреварот го завршија со пораз од 91:84.

МЗТ во четвртото коло на домашен терен ќе го пречека Ловќен.

МИА