сабота, 22. септември 2018. Вести денес: 40
home Кошарка

Љубовта на центарци пред колапс: КК Работнички нема пари, иако се финансира од општина Центар?

Љубовта на центарци пред колапс: КК Работнички нема пари, иако се финансира од општина Центар?

Љубовта на центарци, омилениот клуб на сите жители на оваа општина, КК Работни е соочен со тешка финансиска состојба. Иако овој клуб добива речиси 600 илјади евра од општината годишно, сепак нема пари за нормално извршување на своите обврски, како кон играчите и стручниот штаб, така и кон македонската кошарска федерација, но и кон ФИБА.

Ваквите настани се потврдени од Директорот на Македонската Кошаркарска Федерација, Владимир Темелковски кој вели дека, иако овој клуб се фали дека има толкав голем буџет, сепак се наоѓа на листата на неплаќачи, кој до пред една недела ја немаше платено котизацијата од 10 илјади евра, која секој клуб е должен да ја плати кон МКФ.

Да биде разочарувањето поголемо центарци нема оваа сезона да гледаат интернационални натпревари. Според Темелковски Работнички е единствениот клуб во Европа, кој е шампион на својата држава, а не настапува на ниту едно натпреварување кое е организирано од ФИБА.

-Искрено сум разочаран од Работнички, кој по толку време освои шампионска титула, а повторно реши да не се натпреварува во Европа или во било кое друго регионално натпреварување. Од ФИБА ни беше соопштено дека сме единствена земја во која шампионот решава да не се натпеварува и на европско ниво, што е поразително за сите нас во кошарката, но треба да е најпоразително за луѓето во Работнички, вели Темелковски.

Дополнителни проблеми на Работнички му е долгот од 40 илјади евра кон ФИБА (за кој не се знае дали е платен) и согласно со тоа немаат право на трансфери на странски играчи се до подмирувањето на таа обврска. Ова во превод би значело дека клубот нема да донесе ниту еден квалитетен странски играч се со цел да го направи клубот да биде поконкурентен во своите натпреварувања.

Но проблемите на Работнички не застануваат тука. Во овој момент клубот нема ниту еден тренер кој би ги тренирал младинците. Дека Работнички не си ги исполнува своите обврски е потврда заминувањето на Ристе Стефанов но и на Горан Ѓорѓиевски кој во изминатиот период ја донесе шампионската титула во М-18 младинската лига на Македонија. Ѓорѓиевски дури и на својот ФБ профил го потврди заминувањето и се прости со сите играчи и вработени во клубот.

-Дечки, сакам да Ве известам дека од денеска мојот ангажман како тренер во КК Работнички, прекинува. Огромно благодарам до сите Вас за секој тренинг, секој пораз, и секоја среќа што ја делевме заедно. Ви посакувам на сите да бидете тоа што се. Пред се да тренирате машки, и да дадете се од себе за да бидете добри играчи. Ми беше чест што бевте дел од мене како играчи, а јас дел од вас како тренер. Срдечен поздрав, пиша Ѓорѓиевски

Во предизборната кампања Богдановиќ на Центарци им ветуваше нова сала како и враќање на клубот на победничките патеки, но досега нема ниту план, ниту почеток на било што од тоа што го ветуваше градоначалникот Богдановиќ.

Тој во своето видео обраќање на центарци им вети дека сака Работнички повторно да го врати на старите патеки и притоа дури вети дека ќе им даде стимул на сите оние сакаат да тренираат во клубот. Еве што тој им вети на жителите на Центар.

Центарци прашуваат како нивната љубов, како нивниот сакан Работнички стигна до ваква ситуација. Меѓу нив владее страв дека клубот кој добива илјадници евра општински пари, пари на граѓаните, му се заканува пропаст.

Тие велат дека оттука се поставува најлогичното прашања каде се отидени 600 илјади евра кои клубот ги добива како директна помош. Притоа треба да се спомене дека оваа сума е една од најголемите што еден кошаркарски колектив ги добива во цела држава.

Центарци бараат градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ да почне да дава одговори како клубот се најде во оваа ситуација да биде без европски натпревари, но во исто време да заминуваат и тренерите поради неисплатени обврски.