Кошаркарската Евролига донесе нови правила пред стартот на сезоната каде се изготви посебен протокол кој ќе важи за сите учесници во најелитното европско клупско натпреварување.
Здравствениот протокол вклучува основни хигиенски правила, максимален број на луѓе во салите и во соблекувалните, а и екипите ќе имаат „менаџер за ковид-19“.
Играчите, стручниот штаб и судиите ќе прават ПЦР-тестови три дена пред секој меч (два дена пред мечевите на домашен терен), а ќе бидат ослободени вакцинираните и оние кои го прележале вирусот.
Новиот протокол ќе се спроведува во согласност на ситуацијата. Ниту една средба од регуларниот дел нема да може да се игра по 14 април 2022 година. Мечевите кои се одложени ќе може да се играат во нови термини, па дури и на неутрална локација.
Мечевите нема да се играат ако еден тим има помалку од осум играчи на располагање поради коронавирусот. Секој дуел ќе може да се одложува најмногу три пати. Ако некој клуб одбие да игра меч без сериозно оправдување, го губи со службен резултат. Ако тоа се повтори вторпат, следи дисквалификација од Евролигата.
Во случај на прекин на сезоната, актуелниот пласман на табелата ќе се смета за конечен, без разлика дали се работи за продолжение на сезоната или за пласман во следната фаза.