петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 60
home Кошарка

Кошаркарите на МЗТ во карантин поради коронавирусот

Кошаркарите на МЗТ во карантин поради коронавирусот

Кошаркарите на МЗТ и членовите на стручниот штаб од денеска се во карантин. Како што соопштија од кошаркарскиот клуб вечерва еден од членовите на Стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродорм е позитивен на коронавирусот.

„И покрај максималното придржување кон мерките за заштита од коронавирусот, денеска член на стручниот штаб на нашиот тим беше позитивен на тестот на ковид-19. Тој веќе неколку дена е во карантин, откако кај него се појавија благи симптоми, а по добивањето на неговите резултати од вечерва во самоизолација ќе бидат и нашите кошаркари и останатите членови на стручниот штаб“, се вели во соопштението на клубот.

Во текот на утрешниот ден тие очекуваат од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје да дадат насоки за тестирање на сите кои е потребно.

Играчите, тренерите и останатиот персонал се чувствуваат добро и засега никој од нив нема симптоми, но за нивна и општа безбедност тие ќе останат дома се до следните препораки.

„МЗТ Скопје Аеродром постојано апелира на придржување кон мерките за заштита како што се редовна хигиена, носење заштитна маска и држење дистанца, како најсигурни методи за заштита од коронавирусот“, се вели во соопштението.

Коронавирус