вторник, 25. февруари 2020. Вести денес: 148
home Кошарка

Кошаркарите ќе минат 6.000 километри и четири часовни зони за првото гостување во квалификациите!

Кошаркарите ќе минат 6.000 километри и четири часовни зони за првото гостување во квалификациите!

Македонската кошаркарска репрезентација настапот во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2021 година ќе го почне на 20. февруари следната година и тоа дома против Естонија, додека првото гостување ќе го има три дена подоцна, кога силите ќе ги одмериме со Русија и тоа во далечниот Перм.

Челниците на руската кошарка се решија да бидат домаќини во овој град во близината на Урал, кој е дури 3.000 километри оддалечен од Скопје. Тоа значи дека жолто-црвените ќе треба да минат најмалку 6.000 километри во двата правци за само еден натпревар, а патем да минат и низ повеќе часовски зони со оглед што временската разлика помеѓу Македонија и овој руски град е дури четири часа.

Ова секако ќе биде дополнителен напор за нашите репрезентативци во обидот да се изненади големиот фаворит, уште повеќе ако се знае дека авио-врските со тој дел на Русија воопшто не се сјајни. Тоа најдобро го знаат кошаркарите на Работнички, кои пред три години мораа да отпатуваат во Перм на мегдан против домашната екипа на Парма во склоп на ФИБА Еврокупот. Центарци тогаш имаа речиси 24 часовно патешествие додека стигнаа до крајната дестинација, нешто што дефинитивно ќе ги чека и членовиот на македонскиот национален тим следниот февруари.

Средбата ќе се одигра во Универзалната спортска палата „Молот“, чиј капацитет е 7.000 гледачи и во која тогаш настапи тимот од „Градски парк“. Челниците на македонската кошарка, пак, сѐ уште го немаат одредено домаќинот на нашата прва средба против Естонија, што е и не е посебно зачудувачки со оглед што во моментов не е познато ниту името на наследникот на досегашниот селектор, Јорданчо Давитков.

Во групата со Македонија е уште и Италија, која има сигурен пласман на ЕП бидејќи е еден од организаторите. Останатите три селекции ќе се борат за преостанатите две визи за континенталниот собир.

Следното Европско првенство ќе се одигра во Прага, Тбилиси, Милано и Келн односно Берлин.