недела, 16. декември 2018. Вести денес: 86
home Кошарка

Јута го израмни резултатот против Хјустон

Јута го израмни резултатот против Хјустон

Јута продолжува со силната игра во плејофот, а овојпат во тоа се убедија играчите на Хјустон, притоа на свој терен. „Џезерите“ победија на гостувањето кај „Рокетс“ со 116:108 и така израмнија на 1-1 во полуфиналната серија на Западот, откако пред неколку дена беа поразени во „Тојота Центар“.

Австралиецот Џон Инглс запиша најдобро претставување откако е НБА играч и постигна 27 поени за 36 минути игра. Тој реализира 7/9 од зоната за 3 поени и додаде 3 скока и 2 асистенции. Сензацијата на Јута, дебитантот Донован Мичел постигна 17 поени при лош шут од игра, но ги компензираше своите 15 промашувања од игра со 11 асистенции. Алек Баркс исто постигна 17 поени, а Руди Гобер и Џеј Краудер додадоа по 15 поени.

Во еден момент од средбата – уште пред одморот, гостите од Солт Лејк Сити водеа со 19 поени, но „ракетите“ се вратија во дуелот. По значително посилно второ полувреме дури поведоа со 2 поени рано во четвртиот дел, но Џез повторно одговорија соодветно, направија серија од 16-2, која беше доволна за да им загарантира краен успех.

Џејмс Харден со 32 поени беше над сите за Хјустон, Крис Пол додаде 23, а Клинт Капела заврши со 21. Харден направи 11 асистенции, додека Капела имаше 11 скока. Ерик Гордон се вклучи со 15 поени од клупата.

Јута ги победи домаќините во сопствената игра и постигна 15 тројки од 32 обиди (46.9 проценти) против само 10/37 (27.0 проценти) за „ракетите“.

Натпреварот бр. 3 е во сабота, кога серијата се сели во Солт Лејк Сити.

МИА