среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 196
home Фудбал

Женскиот фудбал може да го однесе прилепскиот спорт на меѓународна сцена

Женскиот фудбал може да го однесе прилепскиот спорт на меѓународна сцена

Женскиот фудбалски клуб „Деспина“ од Прилеп напорно работи и по три години од формирањето бележи врвни резултати со реални шанси сениорската екипа да биде прва во Македонската прва женска фудбалска лига.

Според претседателот на клубот Славчо Ѓорѓијоски, високите фудбалски резултати и на сениорската и на младинската екипа во клубот се резултат на напорни тренинзи. Се снаоѓаат, вели во овие услови и се работи според протоколите на Фудбалскиот Сојуз на Македонија.

– Напорно тренираме на игралиштето со вештачка трева во приелпската типска населба. Клубот е формиран во јули 2018. Брои 50 члена и има две екипи – сениорска и младинска екипа. Сите заедно работиме според протоколите на Фудбалскиот сојуз со редовни тестирања и желба да се напредува, вели Ѓорѓијоски.

Успесите се големи.

– Со сениорската женска фудбалска екипа првата година бевме на седмо, лани на трето, а сега, реално, сме фокусирани на првото место во првата женска фудбалска лига. Тоа пак ќе не однесе до нашите желби кои може да станат стварност- Лигата на шампиони за жени. Успесите се големи и со младинската екипа. Лани младата екипа беше шампион на Македонија, објаснува Ѓорѓијоски.

Горда на успесите е Елена Бошкоска, фудбалерка на женската фудбалска екипа.

ЖФК „Деспина“ од Прилеп е клуб кој ја игра третата натпреварувачка сезона во Првата женска фудбалска лига. Иако релативно периодот е краток станува збор за добро организиран клуб, со добра стратегија која јасно гледа во иднината. Во клубот постојат младински категории од каде континуирано произлегуваат нови таленти и на истите им де дава шанса за стекнување нови искуства. Амбициите оваа година се насочени на два фронта, односно атак кон првото место во лигата како и учество во финалето на Купот на Македонија за женски фудбал. Се работи посветено и амбициозно и се надеваме на позитивни резултати и остварување на нашите цели. Сите овие очекувања на клубот се поради духот на заедништво на играчите како и на солидното менаџирање на управата на клубот, вели Елена.
Катерина Милеска, капитен на ЖФК Деспина и на женската фудбалска репрезентација на Македонија смета дека заслужено го вратија женскиот фудбал во Прилеп.

– Тешко е да се почне од нула и да се формира женски фудбалски клуб, успеавме повторно да го вратиме женскиот фудбал во Прилеп и да имаме солидни резултати претходните две сезони. Оваа сезона добро започнавме и сме при врвот на табелата се оди од натпревар во натпревар,спојот на искуството и младоста но и тимскиот дух даваат резултат. Покрај тоа што сѐ уште активно играм фудбал, почнав да се насочувам и на тренерската работа и сум носител на „UEFA“ А лиценца и ја предводам младинската екипа на клубот, која претходната сезона беше шампион во младинската женска фудбалска лига. Сметам дека потенцијал и талент има, но условите во нашата лига се тие што доведуваат до стагнација и рано откажување од фудбалот. Се надевам дека во иднина тоа ќе се подобри и женскиот фудбал ќе се крене на повисоко ниво во нашата земја, објаснува Катерина.

Клубот има спонзор, тоа е ПИ „Витаминка“, а ваучерот од Агенцијата за млади и спорт многу помогнал. Но, според Ѓорѓијоски, треба активно да се вклучи и прилепската локална самоуправа зашто резултатите говорат сами.

Поради големите резултати на двете екипи, треба и Општината да реагира. Од прилепските спортови, ние сме најблиску да излеземе во Европа. А сета посветеност и заложбите на сите, заслужуваат да бидат наградени од градот, вели Ѓорѓијоски.

Коронавирус