среда, 19. февруари 2020. Вести денес: 8
home Фудбал

Во Тетово падна одлука – сите македонски навивачки групи на една трибина против Косово!

Во Тетово падна одлука – сите македонски навивачки групи на една трибина против Косово!

Сите македонски навивачки групи се обединија на точно два месеци пред историскиот меч на Македонија во битката за пласман на Евро 2020 и полуфиналниот бараж со Косово (26 март, 20.45 часот) и објавија денеска од Тетово дека заедно на иста трибина ќе навиваат во историскиот меч на Националната Арена „Тодор Проески“.

Тоа што уште пред Нова година се најавуваше дека е можно обединување на сите навивачки групи од земјава, се оствари во Тетово, каде што претставници на вардаровите Комити, битолските Чкембари, тетовските Војводи, потоа Рибари (Охрид), Гемиџии (Велес), Паткари (Струга)… донеле одлука заеднички да ја бодрат Македонија против Косово.

„По денешната средба во Тетово известуваме дека се приклучуваме на заедничката иницијатива за поддршка на историскиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија против Косово. На состанокот на кој се донесе историска одлука покрај нас присуствуваа Чкембари, Лозари, Војводи, Рибари, Паткари, Гемиџии Гостивар, Фаланга, Лебари, Гемиџии Велес, Ултра банда, Сејмени, Ѓаоли…

Средбата заврши со заедничка хуманитарна акција (донирање облека) во црквата Свети Кирил и Методиј.

За Македонија единствени!“, објавија „Комити“, а вакво соопштение објавуваат сите навивачки групи по состанокот и одлуката за обединување.

Вардаровите Комити повеќе од една деценија не доаѓаат на мечевите на репрезентацијата, уште од мечот со Шкотска на стариот Градски, за разлика од останатите навивачки групи, кои се појавувале на мечевите на националниот тим во изминатиов период.