четврток, 22. јули 2021. Вести денес: 204
home Фудбал

ВИДЕО: Шок за Левандовски и Полска, Словачка со цел плен на стартот на ЕП!

ВИДЕО: Шок за Левандовски и Полска, Словачка со цел плен на стартот на ЕП!

Репрезентацијата на Словачка со триумф го отвори настапот на Европското првенство, откако ја шокираше Полска и славеше со 1-2 (0-1) во рамките од првото коло на групата Е. Иако Полјаците важеа за голем фаворит, ривалот прв поведе, а потоа црвен картон заработи Криховјак. Шкрињар ја врати позитивата и поради бројчаната предност, Полска не успеа да се врати.

Извештај од натпреварот:

Натпреварот во Санкт Петербург тргна отворено, немаше стандардно тактичко надмудрување со премногу дефанзива, а двете селекции размислуваа на напад. По неколку полушанси на двете страни, Словачка прва стигна до погодок за 0-1 во 18. минута. Роберт Мак одлично проби одлево, биеше во поблискиот агол и со помош на Војчех Шчесни, кому му беше припишан автоголот, ја затресе мрежата.

Полјаците мораа да притиснат, но тоа не им појде од рака. Најголемата шанса по добра акција ја имаше Мациеј Рибус, ама неговиот удар воопшто не го загрози голот на Словачка, бидејќи беше блокиран. На спротивната страна зрела можност имаше Јурај Куцка, со удар малку над пречката.

Соуса на паузата како да го врати мотивот во тимот, па Полска по само 32 секунди игра во продолжението стигна до израмнување. По добра акција од левата страна, Рибус врати на пеналтикот до Линети, а овој со помалку среќен удар ја смести топката во мрежата за 1-1. Полјаците беа сосема поинаков тим по паузата, веднаш притиснаа и сакаа експресно да дојдат до предност. Токму затоа, црвениот картон на Грегорж Криховјак беше најлошото нешто за нив.

Словаците очекувано ја презедоа контролата врз играта, тргнаа посмело и се заканија веднаш преку Хараслин. Сепак, ударот заврши во корнер, а по него дефанзивецот Милан Шкрињар успеа да го матира Шчесни за 1-2. Течеше 69. минута, дефанзивецот се најде осамен на 13-14 метри од голот, ја смири топката и со одмерен удар ја смести во мрежата за пресврт.

Иако Полска се обиде да се врати, со десетмина не успеа да го наметне посакуваниот притисок и со неколку полушанси и едно промашување на Беднарек мораше да се помири со почетен пораз.

Коронавирус