вторник, 13. ноември 2018. Вести денес: 118
home Фудбал

ВИДЕО: Мата и Погба го срушија Јуве за „ѓаволски“ пресврт на Јунајтед во Торино!

ВИДЕО: Мата и Погба го срушија Јуве за „ѓаволски“ пресврт на Јунајтед во Торино!

Фудбалерите на Јувентус уште еднаш го надиграа Манчестер Јунајтед, но овој пат не успеаја да соберат нови три бода на своето конто. Во рамки од 4. коло на групата Х од Лигата на шампионите, „старата дама“ прокоцка вистинска шанса за победа над големиот ривал, односно Јунајтед преку „ѓаволски“ пресврт запиша голема победа среде Торино и се врати на втората позиција на табелата (1-2).

Стартот на мечот им припадна на „ѓаволите“, кои на торинскиот стадион истрчаа со речиси идентичен состав како пред неколку дена против Борнмут, но доминацијата не ја преточија во водство, иако се заканија Марсијал и Санчез.

Јуве брзо се ослободи од притисокот и започна да игра како што најдобро знае. Во периодот од 20. минута до крајот на првиот дел се играше на полето на Јунајтед, а да не беше Де Хеа, „старата дама“ сигруно ќе имаше позитива од еден или два гола.

Шпанскиот голман прво без многу проблеми го одбрани ударот на Квадрадо, додека неколку минути подоцна истиот фудбалер од полудесно биеше прецизно по земја, но Де Хеа со вонсериска интервенција ја собра топката. Во самиот финиш од првиот дел рамката од голот беше сојузник на Јунајтед, откако Кедира на аситенција на Роналдо испрати силен удар, но за малку непрецизен за заслужено водство на домаќините.

На полувреме мрежите мируваа, а само што започнаа вторите 45 минути Марсијал ја имаше најголемата шанса за Јунајтед, но неговиот удар заврши покрај голот на Шчесни. Веднаш потоа возврати Дибала, но наместо Аргентинецот, огромна домашна радост донесе најскапата „дама“, Кристијано Роналдо.

Португалскиот репрезентативец во стил на голем голгетер од прва испрати бомба, која заврши зад грбот на Давид Де Хеа. За него ова е прв гол во Лигата на шампионите како член на Јуве, а истиот се реши лудо да го прослави иако беше постигнат против својата поранешна екипа.

Сепак, момците на Жозе Мурињо не се предадоа и во самиот финиш експлодираа и стигнаа до пресврт и големи три бода. На 1-1 израмни резервистот Хуан Мата, кој постигна мајсторски гол од слободен удар, додека во 89. минута по една мешаница најдобро се снајде поранешниот член на Јуве, Погба, за конечни 1-2 и голема радост на англиските фанови во Торино.

 

Извор: gol.mk