четврток, 17. октомври 2019. Вести денес: 0
home Фудбал

ВИДЕО: „Кралевите“ со три гола до три бода во мадридското дерби

ВИДЕО: „Кралевите“ со три гола до три бода во мадридското дерби

Екипата на Реал Мадрид забележа голема победа во мадридското дерби со Атлетико Мадрид (1-3) и се искачи на второто место на табелата во Примера, веднаш зад Барселона.

Мадридското дерби во кое ВАР-технологијата се активираше дури пет пати, донесе хепи-енд за „кралевите“ кои силно посакуваа триумф на „Ванда Метрополитано“, каде Атлетико немаше пораз оваа сезона.

Дуелот го решија три погодока во мрежата на Јан Облак, а Атлетико Мадрид само на моменти делуваше стабилно во одбраната. Мечот се отвори во 16. минута, откако погоди Касемиро, со атрактивни „ножички“ по еден изведен корнер. Радоста не траеше кратко, затоа што Атлетико пристигна, а Гризман десет минути подоцна погоди низ нозете на Куртоа за 1-1.

Двата тима создаваа шанси, но не ги користеа, се до 42. минута кога Реал Мадрид го постигна својот втор гол. Винициус изнуди пенал кој судиите го покажаа пак со помош на ВАР, а го реализира Серхио Рамос.

На пауза „кралевите“ заминаа со предност, а мечот можеше да има друг тек, ако голот на Алваро Мората во 54. минута не беше поништен поради офсајд, по консултација со ВАР. Во 68. минута технологијата повторно беше активирана, овој пат затоа што Атлетико бараше пенал, но судиите проценија дека нема прекршок.

Големата победа за кралскиот клуб ја потврди Герет Бејл, во 74. минута, со својот стоти погодок во дресот на „кралевите“. Атлетико го заврши натпреварот и со играч помалку, затоа што исклучен беше Томас во 80. минута, поради втор жолт картон по груб прекршок врз Тони Крос.

Реал Мадрид сега има 45 бода, еден повеќе од Атлетико Мадрид кој е третопласиран. Барселона, пак, има пет бода повеќе во однос на „кралевите“, но и еден натпревар помалку.

Извор: gol.mk