петок, 25. септември 2020. Вести денес: 16
home Фудбал

ВИДЕО: ФФМ вложува над 300.000 евра за реконструкција на Градскиот стадион во Кавадарци

ВИДЕО: ФФМ вложува над 300.000 евра за реконструкција на Градскиот стадион во Кавадарци

ФК Тиквеш и градот Кавадарци ќе го добијат она што со децении го сонуваа сите вистински љубители на фудбалот. После 30 години Градскиот стадион во Кавадарци ќе добие потполно нова слика. Фудбалската федерација на Македонија целосно реконструира две трибини (јужна и источна), а целосно покриена со кровна конструкција ќе биде јужната трибина. Веќе се набавени и 2000 нови столчиња за стадионот на ФК Тиквеш. Општина Кавадарци потоа целосно ќе ги обнови и модернизира соблекувалните и останатите простории во рамки на стадионот.

– За кратко време го поминавме патот од идеја до реализација. Сите знаеме колку стадионот и ФК Тиквеш значи за градот Кавадарци. Исклучитено сме задоволни од досегашниот тек на активностите, напредокот веќе е видлив, а следната пролет ќе ја видиме целосната слика од Градскиот стадион. ФФМ обезбеди средства за изградба и реконструкција на трибините на стадионот, а заедно со општината ќе продолжиме да создаваме услови за подобрување на фудбалската инфраструктура. Благодарност до градоначалникот Јанчев и неговата администрација за обезбедувањето на сета потребна документација и можноста да започнеме со реализација на проектот во најкраток рок, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Задоволен е и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, тој потенцира дека ФФМ посветено помага на сите клубови во државата.

За реализација на овој проект изразуваме голема благодарност до Фудбалската федерација на Македонија. ФФМ обезбеди средства и врши реконструкција на стадионот. За ваков прилично голем проект, едни без други не можеме и на овој начин само ја унапредуваме нашата соработка. Секојдневно сме во комуникација со луѓето од федерацијата, стадионот на некој начин е „жива материја“ и заеднички се трудиме да направиме позитивни работи за фудбалот и воопшто за спортот во нашиот град. Она што Федерацијата го прави заедно со општините, едноставно, секој мора да го поддржи бидејќи се вложуваат средства, а корист имаат клубовите. Драго ми е што и ние како локална самоуправа после многу години создаваме поинаква слика за Градскиот стадион, а тоа е вредност за градот која ќе трае и ќе биде поттик за многу идни генерации фудбалери, изјави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Фудбалската федерација на Македонија со средства од “Хет-трик” програмата на УЕФА го финансираше поставувањето на целосно нова тревна подлога (тревни бусени) со модерен дренажен и систем за наводнувањена стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп а исто така, постави и целосно ново рефлекторско осветлување и сега на стадионот има можност да се одигруваат и натпревари под рефлектори.

За кратко време, Фудбалската федерација на Македонија целосно ќе ја заврши и ќе ја пушти во употреба новата трибина на стадионот во Чаир, потоа целосно ќе го заврши и новиот терен на стадионот на ФК Ренова во Џепчиште, а еден од покрупните проекти кој се очекува да се финализира е стадионот „под Тумбе кафе“ во Битола.

Во тек се градежни активности и изградба на нова трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, а еден од важните проекти во периодот што следува е целосна обнова со изградба на нова трибина на градскиот стадион во Штип.

Коронавирус