среда, 17. јули 2019. Вести денес: 136
home Фудбал

ВИДЕО: Аргентина и Меси „висат“ на Копа Америка

ВИДЕО: Аргентина и Меси „висат“ на Копа Америка

Репрезентацијата на Аргентина влезе со големи очекувања на Копа Америка, но може да ги заврши настапите уште во групната фаза, затоа што во рамки на второто коло одигра реми со Парагвај (1-1) и по две кола има само еден бод.

  • Извештај од натпреварот:

Фаворитот на хартија потфрли и повторно ја разочара својата нација. Воден од еден од најдобрите во историјата на фудбалот, Лионел Меси, тимот на Аргентина тешко создаваше шанси, а успеа да извлече бод со погодок од пенал. Вреди да се напомене дека Парагвај имаше пенал за 1-2, но Армани ги спаси „гаучосите“ со одлична интервенција. Од групата „Б“ сигурна во наредната фаза е само Колумбија, а за второто место ќе се решава во последната рунда.

Натпреварот во Бело Хоризонте почна со доста бледа Аргентина, која повеќе од половина час чекаше на прв шут кон голот. Скалони се одлучи од првата минута да го пушти на терен Лаутаро Мартинез како партнер на Лионел Меси, но и двајцата беа „невидливи“ во текот на целото прво полувреме. Единствената закана на „гаучосите“ беше од слободен удар на Меси, додека Парагвај имаше три шута кон голот на Армани за дваесетина минути, но истите завршија крај диреците. Парагвајците успеаја први да дојдат до предност на мечот, откако во 37. минута стрелаше Ричард Санчез, по асистенција на Алмирон.

Само што почна вториот дел, почнаа и возбудувањата во полза на Аргентина. Во 52. минута Мартинез погоди пречка, а две минути подоцна, Аргентина доби пенал, откако судијата Сампаио со помош на ВАР покажа на белата точка поради игра со рака. Одговорноста ја презема Лионел Меси, кој успеа да погоди за изедначување на 1-1. Некаде околу пет минути по голот за реми, Отаменди направи непромислен фаул во казнениот простор, па и Парагвај доби пенал, но Армани го прочита шутот на Гонзалез и го остави фаворитот во игра за триумф.

Следната прилика во 66. минута ја имаше Мартинез кој шутираше со глава, но безуспешно, па Скалони реши да го повлече од игра и на негово место го стави Кун Агуеро кој стартуваше од клупата за резерви. Потоа, на шанса се чекаше дури до 76. минута кога Меси не реализира, а до финишот на мечот, иако се играа и екстра-дополнителни седум минути, немаше сериозни прилики за гол.

Аргентина во последното коло од групната фаза на Копа Америка ќе се соочи со Катар, додека Парагвај игра со веќе сигурната во наредна рунда, Колумбија.

Извор: gol.mk