Аргентина е последниот полуфиналист на овогодишното издание на Копа Америка. Фантастичниот Лионел Меси со погодок и две асистенции беше најзаслужен за убедливата игра во четвртфиналето против Еквадор (3-0).
По неколку пропуштени шанси, Родриго де Пол донесе почетна радост за „гаучосите“ во 40. минута. Тој доби одлична топка од Меси и ја затресе противничката мрежа. Најдобриот фудбалер на Аргентинците направи уште една несебична асистенција, овојпат до Лаутаро Мартинез кој во самиот финиш од мечот ја потврди победата.
За да нема никакви дилеми Меси од слободен удар во 93. минута стави точка на натпреварот. Во полуфиналната фаза Аргентина ќе се надигрува со Колумбија.