Воска Спорт го напушти теренот на натпреварот против Вардар, но тоа ќе ѝ донесе службен пораз затоа што одби да се врати и да го доигра мечот иако имаше барање од страна на гостинската екипа и судиите за такво нешто, пренесе ГОЛ.МК.
-Домашната екипа во го напушти теренот во 76. минута, па судиската тројка и гостинската екипа останаа на теренот. По чекање од петнаесетина минути капитенот и преставникот од домашната екипа известиле дека нема да го продолжат натпреварот. Сето тоа е внесено во бележникот на делегатот Славчо Ѓорѓијоски од Прилеп и во извештајот по средбата. Тоа значи едно нешто – службени 0-3 за Вардар, пишува порталот.
Барем така налага правилникот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), каде во членот 86 стои:
„Доколку екипата или дел од екипата направила прекин на натпреварот напуштајќи го теренот а натпреварот од тие причини не можел да продолжи органот кој го води натпреварувањето ќе донесе одлука со која натпреварот ќе се регистрира со службен резултат 3-0 во корист на противничката екипа доколку до прекинот не е постигнат подобар резултат за противничката екипа“.
Против Воска Спорт која го напушти теренот ќе се поднесе и барање за покренување на дисциплинска постапка и тимот го чекаат уште санкции освен службениот пораз.