петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 41
home Фудбал

Точно 20 години од најконтроверзниот трансфер во историјата на фудбалот

Точно 20 години од најконтроверзниот трансфер во историјата на фудбалот

Како се случи Португалецот да прифати да заигра за најлутиот ривал, за потоа да трпи да биде гаѓан дури и со свинска глава

Низ историјата на фудбалот се случиле милиони трансфери, а еден ќе остане запамтен како најконтроверзниот во историјата. Трансферот на Луис Фиго од Барселона во Реал Мадрид. Чудото од трансфер се случи на 24 јули 2000 година, односно пред точно 20 години.

Како успеа Реал Мадрид да го доведе фудбалерот кој само две години претходно ја предводеше Барселона до титулата во Примера и во Купот на Шпанија. Во јуни 1998 година Фиго се радуваше на успесите на Барселона и јавно порача до играчите на Реал Мадрид: „Бели не плачете, честитајте им на шампионите“.

НАВИВАЧИТЕ ПОСАКАА ДА ГО ВИДАТ ФИГО, ПЕРЕС ТОА ИМ ГО ИСПОЛНИ

Во 2000 година Флорентино Перес победи на претседателоските избори во Реал Мадрид, а потоа го исполни ветувањето за кое никој не веруваше дека може да се случи. Перес на изборите го победи Лоренцо Санц, што беше изненадување ако се знае дека со Санц на чело, Реал два пати во последните три години беше европски првак.

Во предизборната кампања Перес вети дека ако победи ќе го доведе играчот што навивачите најмногу сакаат да го видат во тимот. Навивачите беа речиси едногласни дека Луис Фиго треба да дојде во Реал. За многумина ова беше нереално, но Перес беше уверен дека ќе го одржи својот збор.

АКО ПОРТУГАЛЕЦОТ ОДБИЕЛ ДА ДОЈДЕ, ЌЕ ТРЕБАЛО ДА ПЛАТИ 34 МИЛИОНИ ЕВРА ОШТЕТА

Се шпекулираше дека Перес дури им ветил на 80.000 членови на клубот кои имаат право на глас дека ќе им ја плати годишната чланарина ако не успее да го одржи ветувањето. Перес бил подготвен на се, па со Фиго имал потпишано преддоговор.

Во тој преддоговорот стоело дека ако Перес победи на изборите, а Фиго го прекрши трансферот, фудбалерот да треба да плати 34 милиони евра. Ако Перес изгубел на изборите, Фиго без проблем требало да ги задржи два милиони евра кои му биле платени во преддоговорот.

Тоа лето, Фиго за каталонските медиуми изјави „не сум луд да заминам во Реал Мадрид“, но потоа на 16 јули Перес ги доби изборите, а само псум дена подоцна, односно на 24 јули се случи фамозниот трансфер. Фиго од Барселона се пресели во Реал Мадрид!

Со доаѓањето на Фиго во Реал започна и создавањето на „Ел Галактикос“ кај мадриѓани. Фиго со Реал стана првак на Европа, ја освои „Златната топка“, а Барселона речиси го избриша од својата историја.

ПОЛИЦИЈАТА СПРЕЧИ ДА НЕ ГО ЛИНЧУВААТ НА „КАМП НОУ“

Историјата посебно го памти гостувањето на Фиго на „Камп Ноу“ како играч на Реал Мадрид. Тоа беше на 23 ноември 2002 година, кога на стадионот имаше 100.000 навивачи кои едноставно сакаа да го линчуваат Фиго.

„Никогаш во животот не сум видел Камп Ноу во толкава мера да е против една личност. Навивачите на тој меч не го доживуваа Реал како противник, туку исклучиво Луис Фиго. Беше неверојатно, најдобра атмосфера на меч против Реал Мадрид“, се присетува Францес Арнау кој во тоа време беше играч на Барселона.

За тоа колку навивачите на Барселона го мразеа Фиго се виде на тој меч. Десетина мобилни телефони беа фрлени кон Португалецот во текот на мечот, а врвот се случи кога Фиго требаше да изведе еден корнер, а од трибините беше фрлена свинска глава! Полицијата буквално мораа да го чуваат Фиго да не настрада, а мечот имаше и 15-тина минути прекин.

Фиго во Реал остана до 2005 година, а потоа направи трансфер во Интер каде и ја заврши кариерата во 2009 година. Покрај блескавите игри кои ги покажуваше на теренот, Фиго ќе се памти и како играч кој го направи најконтроверзниот трансфер во историјата на фудбалот.

Коронавирус