петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 12
home Фудбал

Стартува Бундеслигата: Има ли Баерн сериозна конкуренција за трофејот во Германија?

Стартува Бундеслигата: Има ли Баерн сериозна конкуренција за трофејот во Германија?

Со натпреварот меѓу Баерн Минхен и Хофенхајм од 20,30 часот вечерва започнува новата сезона во Бундеслигата. По неуспехот на репрезентацијата на Мундијалот 2018, во Германија со нетрпение го чекаат стартот на првенството, кое и оваа година ќе биде доминирана од баварскиот гигант. Никој од конкурентите не изгледа доволно силен за да го издржи темпото на Баерн, но ќе биде интересно да се види како ќе се справи новиот тренер на тимот Нико Ковач и дали неизвесноста ќе заврши уште еднаш пред Нова година.

Ковач импресионира со својата работа во Ајнтрахт Франкфурт и дури го освои Купот на Германија, победувајќи го во финалето токму Баерн. Веќе од другата страна на барикадата, поранешниот хрватски репрезентативец го крена првиот трофеј на чело на баварците, при тоа по победа со 5:0 среде „Комерцбанк Арена“.

Баерн не ја демонстрираше својата финансиска моќ на пазарот и се ограничи со привлекувањето на репрезентативецот Леон Горетцка, кој дојде на слободен трансфер од Шалке 04, и младиот Алфонсо Дејвис од Ванкувер. Серж Гнабри и Ренато Санчез се вратија во тимот од наем. Португалецот набрзина беше прогласен за трансфер неуспех и е факт дека неговата кариера оди нагло надолу по Евро 2016, но можеби е дојден моментот да покаже дека ги поседува квалитетите да стане една од главните фигури на „Алијанц Арена“.

Баварците го продадоа Артуро Видал на Барселона, се очекува да си замине и Себастијан Руди, а ситуацијата со Жером Боатенг продолжува да е нејасна. Добрата вест за Ковач е дека Роберт Левандовски беше задржан и Полјакот повторно ќе биде машина за голови. Доказ? „хет-трикот“ на Лева во Супер купот против Ајнтрахт. Капитенот Мануел Ноер конечно е целосно здрав, а ветераните Франк Рибери и Ариен Робен се амбициозни не само да ја освојат титулата за седма година по ред, но и да триумфираат во Лигата на Шампионите – нешто што се нема случено на баварците по финалето против Борусија Дортмунд на „Вембли“ во 2013 година.

„Жолто-црните“ направија амбициозна селекција, која ги прави фаворит за второто место. Аксел Витсел, Томас Дилејни и Абдула Диало се фудбалери кои несомнено ќе ја кренат класата на Борусија. Добар додаток може да биде и играчот на Реал Мадрид, Ашраф Хакими. Во лицето на Мануел Аканџи клубот предвидливо обезбеди заменик на Сократис Папастатопулос уште во текот на зимата, а другите кои заминаа – Гонзало Кастро, Андре Шурле и Андриј Јармоленко, не беа постојани носители.

Новиот тренер на тимот, Лисјен Фавре има солидно искуство во Бундеслигата и е способен да го развие потенцијалот на тимот, кој ќе продолжи да се залага за атрактивен фудбал, но треба да ја стабилизира играта во дефанзивен план, за да не губи поени против поскромните ривали.

Шалке 04 направи голем скок во првата сезона на младиот и амбициозен Доменико Тедеско, но не е јасно како ќе ја „прежали“ разделбата со важни фудбалери како Горетцка, Макс Мајер и Тило Керер. И ако младиот дефанзивец донесе речиси 40 милиони евра со трансферот во Пари Сен Жермен, тогаш Горетцка и Мајер си заминаа без пари и тоа не зборува воопшто добро за менаџментот на „кралскосините“.

Ред Бул Лајпциг инвестира во млади и речиси непознати играчи што долгорочно е добра стратегија, но едвај екипата на Ралф Рангник ќе успее да се избори за учество во Лигата на шампионите, особено по разделбата со Наби Кеита. Кон првите места гледаат уште Баер Леверкузен, Борусија Менхенгладбах и Хофенхајм.

„Аспирините“ се разделија со голманот Бернд Лено и ветеранот Штефан Кислинг, но имаат изобилство на талент во составот. Во Менхенгладбах се засилија со Аласан Плеа од Ница за над 20 милиони евра, а освен тоа го зедоа и швајцарскиот репрезентативец Михаел Ланг.

Хофе направи селекција за помалку пари, но новите фудбалери се добро избрани и брзо ќе одговараат на стилот на Јулијан Нагелсман.

На дното ќе биде повеќе од интересно. Минатата сезона со елитниот статус се разделија големи имиња како Хамбургер и Келн, но повратниците Фортуна Дизелдорф и Нирнрберг исто така се клубови со традиција, кои по една или друга причина во последните години не успеваат да се утврдат меѓу најдобрите.

Во борбата за опстанок се очекува да се вмешани уште Фрајбург, Аугсбург и Мајнц 05, додека Волфсбург би требало да дише порелаксирано.

Коронавирус