четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 55
home Фудбал

Скопје се кандидира за домаќин на првото финале на Лига Европа 2!

Скопје се кандидира за домаќин на првото финале на Лига Европа 2!

После одличната организација на Суперкупот на УЕФА во август 2017 година, Скопје и Националната Арена „Тодор Проески“ би можеле да бидат домаќини на уште едно финале од европските натпреварувања на УЕФА, зашто Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) планира да се кандидира за финалето на првата сезона во Европската Лига на конфедерации (познато како и Лига Европа 2), која стартува од летото 2021 година, дознава „Спорт 1“.

ФФМ подготвува кандидатура за новоформираното натпреварување, кое беше познато како Лига Европа 2 и кое ќе почне во јули 2021 година, па финалниот меч од оваа прва сезона во третото по ранг клупско натпреварување би се играло во мај 2022 година. Челниците на ФФМ во изминатиот период побарале и добиле согласност за таква кандидатура од градот Скопје и градоначалникот Петре Шилегов, како и од менаџментот на Националната Арена.

УЕФА засега нема одредено домаќин за првото финале во Лигата на конфедерациите, а се очекува такво нешто во следната година, зашто во септември годинава на Извршниот комитет на европската централа беа одредени домаќините за финалињата во Лига Европа (Севилја со Санчес Писхуан) и во Суперкупот во Белфаст, па допрва ќе се избираат домаќините за овие два настани во 2022, како и за финалето во новоформираното натпреварување. Единствено што УЕФА избра на подолг рок беа финалињата во ЛШ, па Санкт Петербург (Крестовски) ќе биде домаќин во 2021, Минхен (Алијанц Арена) во 2022, а Лондон (Вембли) во 2023 година.

Скопје беше домаќин на Суперкупот на УЕФА пред две години кога во пресметката за трофејот играа Реал Мадрид и Манчестер јунајтед (победи „кралскиот клуб“ со 2-1), а целокупниот настан на Националната Арена беше оценет како одличен и македонската престолнина доби многу пофалби за домаќинството и севкупната организација, каква што никогаш досега немало во земјава.

Ако главниот град го добие финалето во Лигата на конфедерации тоа ќе биде уште една голема шанса за промоција на градот и на земјава, но тоа што е хендикеп во споредба со ЛШ и Лига Европа е што во ова новоформирано натпреварување ќе нема премногу атрактивни екипи. Најмногу поради фактот што во квалификациите ќе влезат седмопласираните екипи од најсилните лиги, а десет места во групите се загарантирани за тимовите што ќе испаднат од плејофот во квалификациите за Лига Европа, па таму би можело да се најде некое малку поатрактивно име, но далеку од брендови и великани какви што во август 2017 година гостуваа во Скопје.

Коронавирус