петок, 14. август 2020. Вести денес: 153
home Фудбал

Сејдини: ФФМ секогаш ќе биде сервис за клубовите

Сејдини: ФФМ секогаш ќе биде сервис за клубовите

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Муамед Сејдини, во обраќањето пред присутните делегати на денешното редовно Генерално собрание, меѓу другото, рече дека федерацијата и понатаму ќе дава целосна поддршка на клубовите.

– Од идната сезона, Првата лига ќе брои 12-ет клубови. Сметаме дека со враќањето на два големи фудбалски центри, Битола со Пелистер и Струмица со Беласица, во секое коло ќе имаме дерби натпревар, а се надевам дека и младите фудбалери добро ќе се развиваат. Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе биде сервис на клубовите и целосна поддршка кога се во прашање фудбалските работи. Но, мораме да ги почитуваме пред сѐ правилата за лиценцирање и критериумите за стадионите. Искрено, се надевам дека македонскиот клупски фудбал со поддршка од ФФМ само ќе се доближува до европските стандарди, истакна Сејдини.

Тој најави и помош за подобрување на условите на стадионите.

– Новата трибина на стадионот во Чаир ќе биде готова за помалку од два месеци, интензивно се градат трибините во Охрид и Битола, конечно со „чиста сметка“ и завршен терен и рефлектори излегуваме од Прилеп, започнуваме нови активности на тренинг центарот „Петар Милошевски“, таму поставуваме нови рефлектори и вештачки подлоги на двата терени. Заедно со УЕФА ќе ја градиме западната трибина на стадионот во Штип која ќе биде дел од проектот за изградба на репрезентативен стадион со категоризација за натпревари од највисок ранг, информира претседателот на ФФМ.

Се осврна и на македонската репрезентација која има шанса да се пласира на Европското првенство.

– Би сакал да бидеме оптимисти. Европското првенство е остварување на сонот. Јас сум убеден дека македонската репрезентација ќе биде во најдобро издание на плеј-оф натпреварите од Лига на Нации и ќе уживаме во моментите на радост, додаде Сејдини.

Коронавирус