среда, 12. август 2020. Вести денес: 163
home Фудбал

Сари: Јуве не напредува, но не гледам проблем

Сари: Јуве не напредува, но не гледам проблем

Тренерот на италијанскиот хегемон Јувентус – Маурисио Сари изјави дека не гледа проблем во лошата изведба на „бјанконерите“ во последно време.

Тимот од Торино извлече 1-1 против Милан синоќа во првиот натпревар од полуфиналето за Купот на Италија, одигран на „Сан Сиро“. Голот го постигна Кристијано Роналдо во 90-тата минута од пенал.

Сепак, настапот на Јуве беше слаб и во комбинација со поразите од Верона и Наполи, ја става под знак прашалник работата на стратегот.

– Се справивме подобро во однос на додавањата и играњето во одбрана, но недостасува нешто во последната третина. Тоа е процес и одиме напред. Примивме неколку лесни голови, вклучително и сега. Центрирањето беше прилично бавно и одбраната можеше да се намести подобро. Игравме лошо против Верона, но сега успеавме да добиеме позитивен резултат на турнир. На моменти бевме премногу бавни и не мораше да оставаме толку простор за Златан Ибрахимовиќ во шеснаесетникот. Не бевме доволно агресивни во одбраната, рече Сари по мечот.

Тој сепак рече дека не е загрижен од формата на тимот.

– Во животот, она за што треба да се грижите е здравјето. Ова е нормална фаза во која се наоѓаме. Незамисливо е еден тим да биде постојано во раст. Тоа е спорт каде многу нешта зависат од физичката и психолошката состојба на поединечните играчи. Нашиот раст престана во последните три недели. Дозволуваме лесни погодоци. Во исто време, сепак, ние примаме само два гола повеќе од најдобрата одбрана во Серија „А“, така што не гледам дека тоа е проблем“, додаде тој.

Коронавирус