петок, 27. ноември 2020. Вести денес: 112
home Фудбал

Сѐ поизвесно: Македонија – Косово без гледачи, ФФМ чека нова одлука на Владата!

Сѐ поизвесно: Македонија – Косово без гледачи, ФФМ чека нова одлука на Владата!

Одлуките за дел од мечевите неделава во елитната Лига на шампионите и во Лига Европа да се играат без гледачи поради големата епидемија на коронавирусот на Стариот континент, но и појавата на четврто заразено лице во земјава од новиот вирус се поизвесно го најавуваат сценариото дека историскиот меч на Македонија и Косово закажан за 26 март од 20.45 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе се игра без гледачи.

Во Македонија препораки за мечеви без публика на сите спортски натпревари има до 13 март, па оттаму Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) засега останува на ставот за мечот дека ќе се игра со гледачи, сè додека Министерството за здравство и Владата не донесе нова одлука и препорака или забрана за секакви јавни собири со повеќе од 1.000 луѓе.

„Засега стои уште дека мечот ќе се игра со гледачи, поради препораките кои важат до 13 март. Ако има нова препорака во следниот период, тогаш Министерството ќе мора да нè информира, а за целата ситуација ние да ја известиме УЕФА, која веќе е запознаена за првите две препораки за минатата и за оваа недела. Потоа сето тоа ќе оди на повисоко ниво, за да се најде решение и евентуално да се донесе одлука за мечот да се игра без гледачи“, вели Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ.

Појавата на четвртиот заболен пациент и тоа директорка на скопска клиника, која е позитивна на коронавирусот, а пет дена одела на работа, држела ѝ семинар пред 300 лица, уште повеќе го доведува во „опасност“ мечот за билет за Евро 2020 да не се игра во вистинска фудбалска атмосфера.

Иако по епидемијата на коронавирусот веќе има барања и за одложувања на мечеви, Израел побара да не гостува во Шкотска, а Италија дури бара одложување на Евро 2020, што речиси е невозможно.

„Одложување на мечот со Косово нема да има и не е можно. Италија бара да се одложи Евро 2020, ама УЕФА е цврста во ставот да се играат мечеви без гледачи, зашто тие се термините“, додава Андоновски.

Веќе четири меча сигурно неделава ќе се играат без гледачи и тоа Валенсија – Аталанта и ПСЖ – Борусија Дортмунд во ЛШ, како и Интер – Гетафе и Олимпијакос – Вулверхемптон во Лига Европа. Плус, поради мерки за борба против ширење на коронавирусот виси дербито Барселона – Наполи, кое исто така можно е да се игра без гледачи, а Јувентус против Лион, сигурно би играл пред празни трибини, но „старата дама“ бара да игра надвор од Италија, ама засега не добива таква дозвола.

ФФМ за два дена ги продаде сите влезници кои беа пуштени во продажба за мечот со Косово, но најави дека парите на сите ќе им бидат вратени, ако се донесе конечна одлука за да се игра историската пресметка без гледачи. На Арената треба да дојдат плус околу 3.000 косовски навивачи.

Коронавирус