Обвинителството во Осијек поднесе обвинение против фудбалерот Лука Модриќ поради давање на лажен исказ, јавуваат хрвстаките медиуми.
Во соопштението испратено од обвинителството се наведува дека обвинетиот се товари дека на 13 јуни минатата година за време на судската расправа во предмет против четири лица за сторена злоупотреба на службената положба и овластувања, во својство на сведок дал лажен исказ.
-Предупреден од судијата дека е должен да ја кажува вистината, тој свесно невистинито изјавил дека анексите на договорот за професионално играње на фудбал, со кој се регулира поделбата за трансферно обештетување 50:50 меѓу него и клубот за кој играл, ги потпишувал секој пат кога го продолжувал професионалниот договор. Тој истакнал и дека анексите повторно ги потпишувал по заминување во нов клуб наводно поради измени во банкарската сметка на која износот требало да му се уплаќа. Обвинетиот се товари дека знаел дека не ја кажува вистината, бидејќи наведените анекси ги потпишал во време кога веќе играл за нов клуб, по реализацијата на договорот меѓу овие клубови, при што целокупниот износ му припаднал на матичниот клуб, стои во соопштението.