недела, 20. септември 2020. Вести денес: 68
home Фудбал

Пандев во последната сезона ќе има посебен мотив – 100 гола во Калчото!

Пандев во последната сезона ќе има посебен мотив – 100 гола во Калчото!

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, кој од 2015 година е дел од Џенова, на крајот на оваа сезона успеа да ја оствари првата од двете зацртани цели, да обезбеди опстанок со најстариот италијански калчолигаш, а со тоа ќе остане уште една сезона во овој клуб и ќе има посебен мотив во следната сезона.

На Пандев требаше сезонава да му е последна во кариерата, а со настап на Евро 2020 за Македонија требаше да ја заврши спектакуларната кариера. Но, пандемијата со коронавирус ги помести плановите, а бидејќи Евро 2020 е одложено за догодина, а билетот со Македонија треба да се вади во октомври и ноември, Пандев ќе игра уште една сезона во Џенова.

Првата цел ја оствари во неделата и ја спаси Џенова во сезоната која голгетерски му беше најефективна по 11 години пауза (девет гола), а тој голгетерски ефект сега го донесе на чекор да влезе во одбрано друштво – да стигне до 100 гола во Калчото. Пандев е на шест гола од таков потфат, со кој секако би влегол во историјата на италијанскиот фудбал.

Тој веќе има над 400 настапи во Калчото и е еден од малкумината странци со толкав број на мечеви, па сега е близу и до 100 гола, а во новата сезона и новите 38 меча ќе има шанса да стигне до такво нешто. Откако дојде во Италија како тинејџер во младинскиот погон на Интер, првиот калчолигашки гол го даде во Анкона, а потоа за Лацио постигна 48 гола, за Интер пет, за Наполи 19 и во Џенова има 21. Севкупно 94 погодоци во Калчото.

Нешто над стотина фудбалери во историјата на Серија А имаат над 100 гола, па Пандев во идната сезона ќе има шанса да влезе во големото бесмртно друштво на голгетери на Чизмата.

Пандев е и рекордер по број на мечеви и за македонската репрезентација, а уште лани го надмина Гоце Седлоски, кој беше единствен со 100 настапи за нашиот најсилен национален тим.

Коронавирус