сабота, 7. декември 2019. Вести денес: 0
home Фудбал

Пандев: Италија ми го смени животот!

Пандев: Италија ми го смени животот!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев засилено се подготвува за завршните два евроквалификациски мечеви со соиграчите од македонската фудбалска репрезентација, но еден од ветераните во италијанското Калчо после 18 години минати на Апенините и понатаму е во фокусот на јавноста на Чизмата, особено што откако дојде Тијаго Мота, игра како препороден за Џенова.

Пандев по смената на кормилото во најстариот италијански калчолигаш, даде два гола, а имаше одличен настап на „Сан Паоло“ во Неапол, па само тој доби аплаузи од гледалиштето, кога хаосот и „голема војна“ избувна под везув помеѓу наполитанските фудбалери, управата и навивачите.

Пандев беше во фокусот во Италија во серијалот „Серија А Инсајд“, откако во минатата сезона стигна до 400 мечеви во Калчото (шести странски фудбалер со вакво остварување), а сезонава под палката на бившиот соиграч од Инер, Мота е лидер на тимот.

„Јас го остварив сонот. Како дете сонував да се изборам за вакво нешто. А, сега имам 18 години поминати во Италија, добив италијанско државјанство. Едноставно Италија ми го смени животот. Искуството сега ми носи многу повеќе спокој, во однос на раните години кога имаше нервоза во мене“, вели Пандев.

Дојде во Италија како младинец од Беласица во младинскиот тим на Итнер, па преку Анкона и Специја, стигна до Лацио каде почна сериозно да собира искуство и да го покажува својот квалитет, за врвот да го достигне во 2010 година во Интер со освоената „триплета“ (скудето, Куп и ЛШ), а потоа и светската титула на клупското СП. Потоа замина во Наполи, една година имаше неуспешна авантура во Галатасарај, па се врати на Апенините, во Џенова каде веројатно и ќе ја заврши фудбалската кариера.

Нема сомнение дека целата година помината во Интер е негова најдобра во кариерата, а таму соблекувалната ја делеше во Тијаго Мота, со кој сега повторно секојдневно соработува, ама во поинаква улога. Пандев е капитен, а Мота му е тренер.

„Тијаго беше сјаен фудбалер, многу добар човек и сега во улога на тренер може – многу да даде. Јас со него ги минав најубавите моменти од кариерата. Се сеќавам на неговата одлучност пред секој меч и на секој од нас ни ја внесуваше истата таа решителност. Тренерот секогаш остава белег, внесува самодоверба во тимот, а Мота е баш таков“, додава Пандев.