четврток, 22. јули 2021. Вести денес: 204
home Фудбал

Пандев: Ангеловски требаше да остане до крајот на квалификациите за СП

Пандев: Ангеловски требаше да остане до крајот на квалификациите за СП

Македонските фудбалери пристигнаа во Скопје, по слетувањето на аеродромот во Петровец, Горан Пандев веднаш беше запрашан што мисли за назначувањето на нов селектор.

Пандев смета дека ФФМ требаше да го задржи Игор Ангеловски за селектор на Македонија до крајот на квалификациите за СП.

„Луѓето од федерацијата треба да одлучат дали Ангеловски ќе продолжи или не да биде селектор. Синоќа уште натпреварот не беше завршен а некои портали излегоа со информации дека имаме нов селектор. Јас мислам дека Ангеловски требаше да го заврши и цуклусот за Светско првенство, но знаете кај нас како функционираат работите“, изјави Пандев.

„Жал ми е што не освоивме барем еден бод, бевме многу блиску, но и далеку. Знаевме дека овие натпревари се тешки за играње. Ново искуство, првпат на ЕП, многу емоции, луѓето во Македонија сите живееа со нас, сакавме да ги израдуваме, но жал ми е, се надевам дека оваа генерација ќе има уште многу успеси“.

Договорот на Пандев со Џенова е истечен, тој се уште нема одлучено дали ќе продолжи да игра уште една сезона или ќе замине во пензија.

„Не знам дали ќе продолжам да играм уште на клупско ниво, веќе немам договор, сега сакам да се одморам малку, а потоа ќе размислувам што понатаму“.

„Не само јас, туку целата оваа генерација треба да биде запишана со златни букви во македонскиот фудбал бидејќи ние сме првата генерација што отиде на едно големо натпреварување. Што се однесува до мојата иднина, немам намера да бидам тренер, можеби некој спортски директор, немам одлучено“.

Коронавирус