четврток, 20. септември 2018. Вести денес: 18
home Фудбал

ОФИЦИЈАЛНО: Поголема шанса за македонските клубови- од 2021 година УЕФА формира ново натпреварување

ОФИЦИЈАЛНО: Поголема шанса за македонските клубови- од 2021 година УЕФА формира ново натпреварување

Гласините започнаа во Германија пред помалку од две недели. Денеска тоа е потврдено. Од 2021 година покрај Лигата на шампионите и Лигата на Европа, ќе се игра уште континентално натпреварување.

-Дадено е зелено светло да се воведе трето натпреварување од сезоната 2021/2022. Така што вкупниот број клубови учесници ќе порасне на 96, кажа шефот на секторот за натпреварувања на УЕФА, Андреа Ањели говорејќи на собранието на Европската клупска асоцијација (ЕЦА) во Хрватска.

-Пред промоцијата на новиот модел за периодот после 2024 година потребна е детална проценка на меѓународните календари. Моменталниот модел треба да се модернизира, додаде Ањели.

За деталите на новото натпреварување не говореше, но се чини дека германските медиуми се открија уште порано. Имено, сега Лигата на шампионите и Лигата на Европа играат 80 клубови, но тоа не значи дека третото натпреварување под назив Куп на Европа ќе има само 16 учесници. Напротив, ќе има 32, а планот е Лигата на Европа да се намали од 48 на 32 клуба, за квалитетот да биде поконцентриран, а што и е најважно на УЕФА и да се зголемат приходите.

Инаку, не е лошо да се спомене дека УЕФА неофицијално е непрофитна организација која добива само приходи од нејзините членови, моментално има резерви од 500 милиони евра.

Има и такви кои сметаат дека поголемиот број клубови во Европа ќе го намали јазот меѓу супербогатите учесници на Лигата на шампионите и „остатокот од светот“. Купот на Европа според роцените на фудбалските работници од „богатиот запад“, посебно би можел да користи на клубовите на истокот од Европа, сметајќи ја тука и Македонија, како и оние од Скандинавија.

Така тврдат тие. Противниците на идејата пак се плашат дека ваквата организација ќе ја намали можноста на сиромашните клубови од истокот воопшто да дојдат во ситуација да ги одмерат силите со најголемите. А најголемите секако најмногу сакаат да играат меѓу себе.

Да потсетиме, УЕФА се до 2008 година имаше три натпреварувања, кога беше укинат Интертото купот, но тој експеримент секако никогаш не ја здоби љубовта од фудбалските фанатици. Пред тоа постоеше и Купот на победниците на куповите, кој секако беше многу атрактивно натпреварување, а од оваа дистанца секако не е баш јасно зошто е укинат во 1999 година.