понеделник, 18. март 2019. Вести денес: 108
home Фудбал

Нејмар по скандалите на СП вети дека ќе стане друг човек

Нејмар по скандалите на СП вети дека ќе стане друг човек

Ѕвездата на Пари Сен Жермен и бразилската репрезентација, Нејмар да Силва, призна дека за време на Мундијалот 2018 навистина намерно ги преувеличувал последиците од секој поостар старт врз него. Најскапиот играч во историјата на фудбалот сепак вети дека ја научил лекцијата и во новата сезона ќе биде „друг човек“.

Многумина ги посочија Нејмар и Бразил за фаворити за Светскиот куп, но „Селесао“ отпадна во четвртфиналето против Белгија, која подоцна се избори за третото место. Поради глумењето на терените, Бразилецот често беше предмет на критики, а како резултат, не се најде меѓу финалистите на ФИФА за наградата за најдобар играч на првенството.

Нејмар искористи реклама, која ја направи за еден од своите спонзори, за да го упати своето ветување.

– Кога си заминувам без да зборувам со медиумите, тоа не е затоа што ми се допаѓа само кога победувам, туку затоа што се уште не сум научил како да ве разочарам. Кога правам така, тоа не е затоа што сум размазено дете. Тоа е затоа што се уште не сум научил да се справувам со моите фрустрации, вели Нејмар

Тој вели дека битката која ја води е да го задржи „момчето во него, а не на теренот“.

– Можеби мислите дека паѓам премногу, но вистината е дека се распаднав. И тоа боли повеќе од било каков напад на мојот опериран глужд. Ми требаше време да ги прифатам критиките. Ми требаше време да се погледнам во огледалото и да станам нова личност. Но, сега сум тука, и моето срце е широко отворено, вели меѓу другото напаѓачот на „принцовите“.