среда, 2. декември 2020. Вести денес: 0
home Фудбал

Мурињо незадоволен од раководството на Јунајтед поради недостаток на трансфери

Мурињо незадоволен од раководството на Јунајтед поради недостаток на трансфери

Менаџерот на Манчестер Јунајтед Жозе Мурињо се изрази исклучително остро поради недостатокот на трансфер активност од страна на „црвените ѓаволи“, откако виде како неговиот тим беше победен со 1:4 од Ливерпул во контролна средба која се играше во Мичиген.

Мурињо испрати јасна порака до Одборот на директори за неговата фрустрација со трансфер политиката на клубот.

Португалецот изјави дека сака да го засили својот состав пред стартот на новата сезона барем со уште две нови засилувања, но призна дека тоа најверојатно нема да се случи.

До моментов, Манчестер Јунајтед потпиша со Фред од Шахтјор Доњецк, со Диого Далот од Порто и голман Ли Грант.

– Мислам дека нема да ги добијам двете нови засилувања што ги сакам. Се надевам дека се уште можеме да привлечеме барем еден нов играч додека не почне сезоната. Пред неколку месеци ја дадов мојата листа на раководството на клубот и сакав најмалку пет нови играчи. Чекам да видам дали е можно тоа да стане реалност, изјави Мурињо.

Тој се опрвада за поразот од Ливерпул со зборовите дека во натпреварот се појавиле многу играчи кои нема да бидат дел од тимот пред стартот на сезоната на 10 август.

– Ова не е мојот тим, ниту половина, дури ни 30 отсто, рече Мурињо.

Инаку Ливерпул го совлада Манчестер Јунајтед во натпревар од Интернационалниот Куп на шампионите и ја сопре серијата од 6 последователни натпревари без успех над овој противник. Дуелот се одигра пред повеќе од 100.000 гледачи во Мичиген.

Садио Мане постигна гол од пенал во 27-та, Даниел Стариџ удвои за „црвените“ во 65-тата минута, Шеј Оџо се запиша од пенал четвртина час пред крајот, а новата аквизиција, Џердан Шаќири, беше прецизен во 82-та минута за тимот од Мерсисајд. Единствениот гол за Јунајтед беше дело на Андреас Переира 31-та минута.

На овој начин Ливерпул го заврши учеството во Интернационалниот Куп на шампионите со 2 победи и 1 пораз. Јунајтед има 1 успех и 1 пораз, а допрва треба да игра против Реал Мадрид на 1 август.

МИА

Коронавирус