Екипата на Милан ја продолжи одличната серија во Серија А откако со минимални 1:0 славеше против тимот на Торино.
Стрелец на единствениот погодок на средбата беше Оливие Жиру кој ја затресе мрежата на Вања Милинковиќ- Савиќ во 14. минута.
Со оваа победа, Милан барем за кратко ќе се искачи на првата позиција на табелата во Серија А поминувајќи го Наполи кој има три бода помалку, но и натпревар помалку.
За „росонерите“ ова беше петта победа во низа во италијанскиот шампионат, а по досегашните десет кола се уште го немаат почувствувано горчливиот вкус на поразот затоа што имаат скор од девет победи и само едно реми.
Веќе во недела избраниците на Стефано Пиоли се соочуваат со нов поголем предизвик затоа што ќе гостуваат на „Олимпико“ кај Рома.