Реал Мадрид посакува да го добие Трент Александер-Арнолд уште пред почетокот на Светското клупско првенство, но Ливерпул нема посебна мотивација за да овозможи такво нешто без да добие одредена сума на својат клупска сметка.
Десниот бек веќе објави дека заминува од редовите на „црвените“, но проблем за Реал е што неговиот договор истекува на 30. јуни, а премиерлигашот не е расположен за попуштање на ривалот, најмногу поради последното сознание од трансфер пазарот.
Во Ливерпул се информирани дека Реал сака да го „украде“ и Ибрахим Конате, односно да го чека искусниот дефанзивец до следното лето и да го добие без отштета, односно со рецептот со кој го доби и Александер-Арнолд.
Ваквиот развој на настаните ги налутил челниците на англискиот клуб и тие не сакаат да излезат во пресрет на барањето на Реал, па да го ослободат Трент порано од предвиденото.
Ливерпул сега ќе се обиде да му ја отежни работата на шпанскиот клуб, не само во ситуацијата со десниот бек, туку и постигнувањето конечен договор со Конате, кој на „Енфилд“ дојде во 2021 година.