четврток, 3. декември 2020. Вести денес: 193
home Фудбал

„Марка“: Барди е „дијамантот“ што на Леванте може да му донесе многу пари!

„Марка“: Барди е „дијамантот“ што на Леванте може да му донесе многу пари!

Најугледниот шпански спортски весник „Марка“ после новата изворедна сезона на македонскиот репрезентативец Енис Барди, во посебен текст посочува дека најверојатно сега е шансата малиот клуб од Валенсија добро да ја наплати вредноста на својата ѕвезда, која влезе во историјата за три години на клубот како најдобар странски голгетер на сите времиња.

Барди во Леванте дојде пред точно три години. Во летото 2017 година за само 1,5 милиони евра се пресели од унгарски Ујпешт и после три години, неговата вредност одиде до – небото. „Марка“ посочува дека веројатно сега е моментот за Леванте добро да го наплати својот дијамант.

„Енис Барди е еден од фудбалерите кои има неверојатен скок на берзата. Во овие три години експлодира и реалноста е дека толку напредуваше што е еден од најдобрите и клучните фудбалери на Леванте. Всушност, неговата вредност достигна небески височини. Дојде од Ујпешт за 1,5 милиони евра, а можеби пред три години тој трансфер носеше доза ризик, ама на крај се исплатеше. Барди има договор до 2022, но сега е моментот да се одлучи дали е можда најдобро да биде продаден и финансискиот биланс да биде избалансиран во клубот. Ако ништо друго, моментно вредноста му е најмалку десетпати повеќе од тоа што беше платен“, пишува угледниот мадридски весник.

За Барди пред три недели беше објавено дека Арсенал пратил понуда, дека Фиорентина е сериозно заинтересирана, како и два бундеслигаши, а од поодамна беше поврзуван со уште дузина други клубови.

„Во моментов вредноста има свој огромен пик, според ‘Трансфермаркт’, Барди има вредност како Хосе Кампања – 12 милиони. Ама ЦИЕС (фудбалската опсерваторија – н.з.) го цени помеѓу 20 и 30 милиони. Барди сезоната ја заврши спектакуларно, како прв стрелец на тимот после рестартот на сезоната. И тоа е сигнал дека веќе го достигнал вистинското ниво“, додава весникот.

Леванте сезоната во Ла Лига ја заврши со втор најдобар скор во својата историја на настапи во шпанската елита, па сега почнува преодниот рок во кој секако Барди ќе биде во фокусот, но шпанскиот клуб бара најмалку 25 милиони евра за трансфер. Македонскиот ас има договор до 2022 година со опција за уште две години продолжување и откупна клаузула од 50 милиони евра.

Коронавирус