четврток, 23. јуни 2022. Вести денес: 95
home Фудбал

Македонија Ѓорче Петров и Силекс утре во борба за трофеј во фудбалскиот Куп

Македонија Ѓорче Петров и Силекс утре во борба за трофеј во фудбалскиот Куп

Фудбалските клубови на Македонија Ѓорче Петров и Силекс утре ќе играат во финалето на Купот на Македонија со почеток од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“.

Во пресрет на утрешниот финален натпревар, тренерите и капитените на двата тима на прес – конференција ги споделија своите очекувања за 29. финале од Купот на Македонија.

Како што пренесуваат од Фудбалската федерација на Македонија, Муарем Бајрами, шеф на стручниот штаб на ФК Македонија Ѓорче Петров, истакнал дека клубот заслужено е во финалето од Купот на Македонија, но, како што рече „знаеме што нè очекува во пресметката со Силекс“.

– Ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи и Струга и сосема заслужено сме во мечот за титула.Мислам дека имаме квалитет и можеме да го освоиме трофејот. Имаме голема почит кон Силекс, тим кој е актуелен освојувач на Купот, без разлика на тоа што оваа година влегоа како второлигаш во финалето. Направивме добра анализа, гледавме повеќе нивни натпревари затоа што немаме меѓусебен дуел една година со нив. Се работи за одличен тим, воден од тренер со кој знаат што сакаат на теренот. Силекс условно се прошета во Втората лига, така што очекувам доста интересен натпревар, но јас верувам во мојот тим. Имаме квалитет, за мене ова е прво финале како тренер, двапати го имам освоено пехарот како играч, се надевам сега ќе успеам и како тренер. Вакви натпревари не се играат секој ден, треба да излеземе на терен и да уживаме, вели Бајрами.

Горазд Михајлов – шеф на стручниот штаб на ФК Силекс, пак, истакнува дека верувам дека кој и да игра утре ќе го даде максимумот.

– Го респектирам противникот, до последното коло беше во игра за Европа преку лигата, па така и Македонија Ѓ.П. си ја гледа својата шанса преку Купот. Ни се отвори шанса да играме за титула, тука сме и верувам дека пред сè ќе победи фудбалот, а кој ќе биде подобар, ќе видиме. Фаворитската улога не би требало некому да му се дава, затоа што ова е финале и сè е отворено. Меѓутоа, блага предност има противникот, затоа што тие, сепак, доаѓаат од повисок ранг. За мене ова е трето финале, едно освоив, едно загубив со Тетекс, па зошто да не биде трета среќа, рече Михајлов.

Капитенот на Македонија Ѓ.П., Адем Ермедин, истакна дека им претстои голем натпревар, како што рече „цела сезона се бориме за вакви натпревари“.

– Сакаме да ја крунисаме сезоната со Куп-трофеј. Имаме респект за Силекс и можам да кажам дека не сме случајно во ова финале. Ние како екипа сме подготвени, имавме можеби најтежок пат до финалето, но ги минавме сите и тука сме. Знам дека кој и да игра во финалето ќе го даде максимумот и сакам да го освоиме трофејот и да го донесеме трофејот по долги години во Ѓорче, вели Ермедин.

Даниел Божиновски, капитенот на Силекс, пак, истакнува дека нивниот тим е 95 отсто составен од нови играчи и фудбалери, за разлика од минатата сезона.

– Со тек на времето, полека се воигравме, направивме резултати како што посакувавме. Приоритет ни беше влезот во Првата лига, тоа и го остваривме. Предизвик ни беше да дојдеме до финалето на Купот, еве го и тоа, па знам дека секој ќе го даде максимумот, смета Божиновски.

На овогодинешното финале од Купот Силекс ќе се обиде да го освои четвртиот трофеј во клупската историја, додека „лавовите“ од Ѓорче Петров ќе играат за втора куп титула.

Коронавирус