Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, даде свое видување по изненадувачкиот пораз од Ботафого (0-1) во второто коло од групната фаза на Светското клупско првенство во САД. Францускиот гигант не успеа да наметне доминација и се соочи со сериозни проблеми против одлично организираниот бразилски тим.
„Имаше тензичен почеток на натпреварот. Тешко создававме шанси, а противникот постигна еден, можеби и чуден, но заслужен гол. Ботафого одигра одлично, дефинитивно е еден од најдобрите тимови против кои сме играле оваа сезона“, изјави Луис Енрике по натпреварот.
Тој додаде дека ваквите натпревари бараат посебна концентрација, особено затоа што тим како ПСЖ секогаш е таргет за максимален ангажман од противникот.
„Играчите секогаш се дополнително мотивирани кога играат против нас. Тоа е реалност и мораме да се справиме со неа. Овој пораз не беше очекуван, но мораме да го анализираме и да извлечеме поуки. Ова е исклучително тешко натпреварување, секој натпревар може да биде клучен“, истакна шпанскиот стратег.
Со две победи од два меча, Ботафого сега е лидер во Групата Б со шест бодови, додека ПСЖ е втор со три. Во последното коло, Ботафого ќе се сретне со Атлетико Мадрид, додека ПСЖ мора да слави над последнопласираниот Сиетл саундерс за да не ризикува рана елиминација од турнирот.