четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 84
home Фудбал

Лоран Блан опција за тренер на Барселона

Лоран Блан опција за тренер на Барселона

Лоран Блан може да го замени Кике Сетиен како главен тренер во Барселона, пренесува „Мундо Депортиво“ во денешниот број. 54-годишниот Французин беше понуден на Каталонците од менаџерот Жорже Мендеш и може да ја преземе функцијата пред реваншот со Наполи во осминафиналето на Лигата на шампионите на почетокот од август.

Раководството на Барселона се очекува да ја реши судбината на актуелниот тренер Кике Сетиен на почетокот на новата недела, откако притисок за негово разрешување изврши и капитенот Лионел Меси, кој повика на промени по поразот од Осасуна во четвртокот.

Барселона ја загуби титулата од Реал Мадрид на рунда пред крајот на првенството, не успеа да го освои ниту Купот, ниту Суперкупот на земјата, а во Лигата на шампионите одигра 1:1 со Наполи во првиот натпревар од осминафиналето во февруари.

Лоран Блан е без работа уште од 2016 година, кога го напушти Пари Сен Жермен. Пред тоа, тој беше селектор на репрезентацијата на Франција и тренер на Бордо. Како фудбалер, Блан играше за Барселона во сезоната 1996/97.

Коронавирус