понеделник, 28. септември 2020. Вести денес: 6
home Фудбал

Ливерпул ќе го предизвика Реал Мадрид во финалето

Ливерпул ќе го предизвика Реал Мадрид во финалето

Ливерпул се пласираше во финалето на Лигата на шампионите и покрај поразот од Рома со 4:2 во реванш полуфиналниот натпревар.

Англискиот клуб благодарение на високата победа од 5:2 на првиот натпревар ќе се соочи со Реал Мадрид во борба за титулата.

Рома на реваншот на „Олимпико“ одигра солиден натпревар и достоинствено се прости пред сопствената публика од елитното натпреварување.

Натпреварот изобилуваше со многу интересни моменти, убави голови и комичен автогол.

Ливерпул поведе уште во деветата минута со голот на Садио Мане. Само пет минути подоцна еден од дефанзивците на Ливерпул се обиде да ја исфрли топката, но го погоди несреќниот Милнер и топката влезе во голот на Кариус за изедначување на 1:1. Во 25 минута Вајналдум повторно го доведе Ливерпул во водство од 1:2.

Во почетокот на второто полувреме Един Џеко изедначи на 2:2, а Рома почна поофанзивно да ја организира играта и да врши притисок на голот на Ливерпул.

Во 62 минута имаше една спорна ситуација во која по шутот на Ел Шарави топката удри во раката на фудбалерот на Ливерпул, Арнолд, меѓутоа судијата не покажа на белата точка.

Во финишот на натпреварот фудбалерите на Рома постигнаа уште два гола. Наинголан во 86 минута погоди од далечина за 3:2, а во судиското продолжение во 93 минута истиот играч реализираше пенал за конечни 4:2.

Финалето на Лигата на шампионите меѓу Ливерпул и актуелниот европски првак Реал Мадрид годинава ќе се одржи на 26 мај во Киев.

МИА

Коронавирус